ЗА КРАТКО ВРЕМЕ ЌЕ ЗНАЕМЕ ДАЛИ Е ВИСТИНСКИОТ ЧОВЕК Вака министерот Тупанчески го коментираше изборот на Ислам Абази
Главниот проблем според Тупанчески не е квалитетот на законите туку капацитетот на институциите, интегритетот и начинот на правораздавање.
Министерот за правда, Никола Тупанчески, во своето вечерашно гостување во емисијата „360 Степени“ на Алсат, запрашан за коментар во врска со изборот на новиот јавен обвинител за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, рече дека се работело за транспарентен процес и одлука на обвинителите.
– За краток временски интервал ќе се знае дали е избран вистинскиот човек. Гласаа 163 обвинители. Изборот го направија тие. Се работи за сериозна функција каде се постапува по комплексни теми. Какви ќе бидат резултатите и довербата за тој јавен обвинител ќе покаже времето. Во секоја професија има луѓе кои заслужуваат истата да ја извршуваат или не. На секој треба да му дадеме шанса -потенцира Тупанчески.
Тој смета дека во иднина би било добро да има измени во однос на построги правила и критериуми за избор на прв човек на ова обвинителство.
Главниот проблем според Тупанчески не е квалитетот на законите туку капацитетот на институциите, интегритетот и начинот на правораздавање.
Министерот изјави и дека лично не го познава Ислам Абази. За изјавата на заменик-министерот за правда, Агим Нухиу, кој веднаш по изборот му честиташе на Абази на социјалните мрежи, Тупанчески вели дека тоа не е официјална изјава на министерството.
– Ќе мора да кажам и да направам одредена ограда во однос на неговата изјава. Тоа не е изјава на министерството за правда, туку на заменик министер кој честиташе и морам да кажам во таа негова изјава јас го видов она што јас би го направил кој и да биде избран на тоа место, забрзување на истрагите итн. Таа флоскула и таков тип на зборови кои имаат генерално значење – рече Тупанчески.