ЗА КРАДЕЊЕТО ЦИТОСТАТИЦИ СЕ ЗНАЕЛО ОД 2012 ГОДИНА!? Министерот Спасовски сведочеше пред Анкетната комисија
МВР започнало да ја следи работата на Онкологија уште пред повеќе од 10 години, односно од мај 2012 година, од кога имало индиции за злоупотреба на цитостатици на лекови.
Не е точно дека Министерството за внатрешни работи не презело никакви мерки во врска со случувањата во Клиниката за онкологија, одговори првиот човек на МВР Оливер Спасовски на прашање на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки на денешната седница на Анкетната комисија на Собранието за настаните на Клиниката за онкологија.
Спасовски на денешната седница на Анкетната комисија рече дека МВР започнало да ја следи работата на Онкологија уште пред повеќе од 10 години, односно од мај 2012 година, од кога имало индиции за злоупотреба на цитостатици на лекови.
Тој нагласи дека уште во 2012 година МВР поднело кривична пријава против тогашниот директор на клиниката, но дека до денеска Јавното обвинителство не презело никакви мерки.
– МВР првпат реагира на 31.05 2012 година во основа на оперативни сознанија кои ги има и поднесува кривична пријава против директорот на онкологија во тоа време од одделот за организиран криминал до основното јавно обвинителство за спречување на организиран и сериозен криминал, со индиции на злоупотреба на цитостатици на лекови. Од моментот на поднесување на пријавата до денеска не е преземно ниту едно истражно дејствие од страна на Јавното обвинителство – изјави Спасовски.
Министерот Спасовски информираше дека се водат финансиски истраги за седум лица од Клиниката.
– Секој за кој ќе се утврди вина, ќе треба не само да биде во притвор, туку и да носи одговорност пред надлежниот суд и на крајот да биде осуден. Досега постапувавме по неколку наредби за обезбедување на докази и паралелно за повеќе лица веќе се водат и финансиски истраги. За околу седум лица покрај кривичната истрага се води и финансиска истрага во однос на овој процес. Доказите се обезбедени, одземени се електронските уреди, одземени се здравствените картони и на тоа што го пишува во документите и она што е во електронските уреди не може да влијае никој. Тоа е непобитен факт – изјави Спасовски.
Поранешниот министер за здравство Беким Сали, кој беше прв сведок на сослушувањето, рече дека не знаел дека во клиниката постоел КАТО-систем, и додаде дека за случувањата во Онкологија дознал преку медиумите.
Јавното обвинителство на крајот на минатиот месец поднесе обвинение за „проневера“ против медицинската сестра од Клиниката за онкологија, која крадела цитостатици. Таа досега не е достапна за органите на прогонот.