ЗАЈКОВА НЕ ЈА ДАВА ФОТЕЛЈАТА УШТЕ 2 ГОДИНИ Партијата ја подготвува за локалните избори

Зајкова посочи и дека нема да дозволи никој со уцени и закани да ја нарушува либерално-демократската идеологија.

487

Претседателката на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова тврди дека нема намера да се приклучи кон власта и вели дека како пратеник и понатаму ќе делува независно во собранието. Таа е јасна дека вонредно собрание на партијата нема да има и уверува дека на чело на партијата ќе остане најмалку уште 2 години, до истекување на мандатот.

Вчера беше најавено дека две третини од општинските организации на ЛДП ќе формираат иницијативен одбор за свикување вонредно собрание на ЛДП за промена на раководството поради нивната непринципиелна пазарџиска политика и недемократско водење на партијата.






– Додека Моника Зајкова е претседател, а ќе биде уште најмалку 2 години, ЛДП ќе остане доследна на своите програмски принципи по кои е препознатлива и ценета-рече таа на денешната прес конференција.

Зајкова посочи и дека нема да дозволи никој со уцени и закани да ја нарушува либерално-демократската идеологија.

– Да ја видов сликата од присутните од некаков иницијативен одбор за вонреден Конгрес на партијата. Нема претставници на општинските организации и органи, нема никакво наводно мнозинство со кое се манипулира јавноста. Или пак мнозинството присутни беа донесени, некои можеби и платени, па дури има и луѓе кои немаат допирна точка со ЛДП. Евтина кампања која не поминува – рече таа.

Таа додаде дека партијата има јасен став донесен на последната седница на Централниот Одбор дека ЛДП дејствува во Собранието независно, а согласно програмските принципи и либерално демократските вредности ќе даде поддршка на она што верува е добро за државата и граѓаните и ќе го критикува она што смета дека не е.

– Се што значи настап на ЛДП на избори за истото одлука носат општинските организации и Централниот одбор по спроведена анализа и дискусии. ЛДП има членови и во Кисела Вода и имавме информации и знаевме дека беше изнајмена општинската сала за прес-конференција, добивме информации дека беа најавени повеќе од 100 луѓе, знаевме дека на повеќето од нив им било понудено за компензација да се присутни таму, имаше најава за присуство и на некакви навивачки групи и на крајот еве ги на сликата, повеќе соседи кои ме почитуваат би собрала и јас – рече Зајкова.

Зајкова исто така нагласи дека веќе активно се подготвува нова стратегија за настап на претстојните локални избори.

Претседателката на ЛДП информира и дека уште добива закани бидејќи планира и во овој собраниски состав да го достави предлогот за намалување на банкарските провизии, но вели дека не се плаши од нив.

– Здружените напади и уцени кои доаѓаат од оние на кои ќе им се намалат моќта и профитите, здружени со лица на кои им е прекината државната функција и привилегии, кои сакаат да ја дефокусираат јавноста од политиките кои ги промовираме, нема да ме натера да се откажам од истите затоа што се водам и како пратеничка и како претседателка на ЛДП од јавниот интерес и од интересот на граѓаните! Не подлегнувам на никакви закани затоа што сè што програмски го предлагаме во Собранието е во интерес на граѓаните и државата – јасна е Зајкова.

Таа најави и објавување на транскрипти од одделни разговори и на преписки од тие што ѝ се закануваат.

– Ако сакаат овие поединци, кои застапуваат туѓи интереси, да ги објавуваме разговорите и преписките со кои ми се закануваат мене, но и го манипулираат членството со измама која е кривично дело и го наведуваат на некакви потписи, а доаѓаат и од луѓе кои се надвор и луѓе тука кои сакаат да се заштитат, чекајќи исход од одредени истраги, не е проблем, транскриптите и доказите се спремни. Може да ги објавиме – вели Зајкова.

Поврзани содржини