За кого свират сирените
Македонија ита кон Европа. Една од метрополите, што ја нарекуваат ветен град за автомобилистите, е секако Брисел. Таму пред неколку години беше воведен слободен ден без автомобили на улиците. Но не само како апел до граѓаните на тој ден да ги остават автомобилите дома, како што, на пример, се практикува во Хелсинки, туку ден со стриктна забрана за возење, проследена со казнување од полицијата.
Во сообраќајот во некои земји во светот ечат свирежи на градските улици речиси нонстоп. На пример, во Индија. Тоа го натерало германскиот гигант „Ауди“ пред неколку години да ги опреми автомобилите наменети за индискиот пазар со екстра засилени и издржливи сирени. Според шефот на „Ауди“ во Индија, европска автомобилска сирена не би преживеала таму ниту две недели, бидејќи во Бомбај во еден ден се притиска на сирените колку што еден просечен Германец го прави истото во текот на една година.
Директните споредби, се разбира, не се секогаш применливи, но факт е дека постојат извесни сличности што ги поврзуваат индиските и македонските градови во меѓународните рангирања. На пример, во однос на високите места што ги заземаат како едни од најзагадените урбани центри во светски рамки. А што се однесува до свирежите од автомобилите, големата страст и упорност да се налегне на сирената во секој момент, без никаква задршка и самоконтрола, во мегалополисите какви што се Бомбај и Њу Делхи многумина веројатно ставаат чепчиња во ушите. Нема никакво сомнение дека и граѓаните на Скопје, вклучувајќи ги и туристите и другите намерници, често ги обзема таква желба на главните сообраќајници во градот.
Сообраќајот во Скопје е со децении предимензиониран, нерегулиран и без речиси никакви олеснувачки алтернативни решенија. Децибелите што се ослободуваат во атмосферата крај фреквентните раскрсници, на пример на булеварот Партизански одреди, несомнено влијаат на народното здравје, не само на минувачите, туку и на самите возачи, меѓу кои на мнозинството ни на крај на памет не им паѓа понекогаш да го остават автомобилот дома и да изберат некое друго превозно средство, користејќи ги со исклучително задоволство сирените за да ги деелектризираат нервите, како делумна замена за психофармаци и антидепресивни препарати, и трубејќи баражно на возилата пред себе, иако и човек со најголема диоптрија веднаш ќе забележи дека сите ленти на патот се буквално блокирани поради згуснат сообраќај, или поради други објективни пречки на патот. Трпение тука не постои ни како мисловна именка. Доколку во таков метеж случајно се најде и некој ученик во возило на „авто-школо“, несреќно застанат на семафор пред некој бесен џип „Мерцедес“, долг како моторен чамец, и притоа, не знаејќи ја доволно „уметноста“ на навремено пуштање на квачилото, возилото му потскокне и моторот згасне, може да доживее толкав стрес што останатиот дел на денот да му помине со високи тахикардии.
Градските власти воопшто не покажуваат на некаков посебен начин дека ги интересира оваа проблематика. Предизборните ветувања за воведување на бесплатен автобуски останаа само како несериозно изговорени зборови во длабочината на празна канта, при што не само што се несериозни, туку се и разочарувачки бедни, иако никој нема да биде посебно изненаден доколку некој се сети повторно да ги исфрли пред избирачите на наредните избори. Со години наназад беа споменувани и други проекти, изградба на трамвајска пруга, подземни тунели, или надвозници, колку да се види и слушне дека некој сепак нешто размислува на оваа тема. А и за владата и нејзините министерства постојат други, поважни приоритети. Кој воопшто има време да размислува за инфраструктурни решенија и сообраќајна модернизација, и за едукација и смирување на конфликтната сообраќајна култура во метрополата, додека се тркалаат мрсни коруптивни зделки, непотистички натпревари во згрижување на членовите на сопственото семејство и на партиските војници, борба за функционерски и директорски фотелји. Каков градски сообраќај и слични дребулии? Македонија нема време за чекање. На ред сега дојде изградбата на крупни проекти, меѓународни коридори и автопатишта. Динамиката треба да се забрза во 21-от век, па дури и таму каде што тоа можеби и не е најпотребно.
Македонија ита кон Европа. Една од метрополите, што ја нарекуваат ветен град за автомобилистите, е секако Брисел. Таму пред неколку години беше воведен слободен ден без автомобили на улиците. Но не само како апел до граѓаните на тој ден да ги остават автомобилите дома, како што, на пример, се практикува во Хелсинки, туку ден со стриктна забрана за возење, проследена со казнување од полицијата. Се покажало дека тој слободен ден добил статус на сообраќајно-политички погодок во суштина на проблемот. Таквиот ден станал толку популарен, што многумина граѓанин на Брисел посакуваат такво интермецо да се воведе барем еднаш месечно, а не само еднаш годишно. Тоа е и разбирливо. Брисел се смета за еден од најпогодените градови со сообраќајна метеж. Според некои процени, околу една третина од бриселските улици немаат доволен капацитет да ја пропуштат секојдневна сообраќајна навалица. Тоа неизбежно предизвикува иритација кај возачите, со извесни интервали на свирежи во раните утрински и во вечерните часови. Но останатиот дел од денот поминува релативно мирно. Метежот, сепак, не исчезнува како однесен со волшебно стапче. Брисел не е само главен град на Белгија, туку и политички центар на ЕУ. Никој не би успеал да регистрира кој, зошто и каде вози по тамошните улици во текот на еден обичен работен ден. Но се прави барем обид за промена на сообраќајната култура. Еден слободен ден, без автомобили и сирени во градот, е добар почеток. И охрабрувачки чекор. Пред сè, за пешаците и велосипедистите.
Во големите шведски градови Стокхолм и Гетеборг се плаќа данок на возење по градските улици во работните денови од шест часот наутро до 18.30 часот. Камери ја снимаат вашата регистарска табличка, а на крајот на месецот добивате фактура за плаќање на данокот на густината на градскиот сообраќај. И покрај таа непопуларна мерка, оставањето на автомобилите дома не оди според очекувањето на политичарите. Во последните години сè повеќе се стеснуваат градските улици, се одземаат ленти во полза на колективниот сообраќај и велосипедистите, станува сè потешко и потешко да се вози. Поради утринскиот метеж постојано ризикувате да задоцните на работа. Но групно притискање на сирени не се слуша од никаде. Речиси штама на улиците. Понекој новодојден Милоје, Сенад, Љупчо или Фатмир паѓа во искушение да затруби, но набрзо сфаќа дека таквото однесување е бесмислено. Кому да му свириш, кога никој не ти возвраќа, и кога сообраќајот се движи пред тебе со брзина на полжав. Мошне брзо почнува да превладува сознание дека автомобилската сирена всушност треба да се користи во случај на нужда и неопходно предупредување. Одеднаш станува лесно и да се сфати дека еден постар човек, кој некогаш можел да претрча преку пешачки премин со неколку подолги чекори, сега не може да го направи тоа ни со дваесет. Одеднаш трпението да се застане и да се почека некој да помине пред тебе на улицата, добива вистинска вредност.
Но тоа и не треба да се нарекува како некаква нарочна европска вредност. Почитување на човечкото достоинство, независно од нечија општествена позиција, физичка сила и моќ, е универзална вредност, како предизвик за оние што тоа никогаш не научиле да го ценат. Не е потребна тука – да се изразиме малку „поетски“ како лидерот Али Ахмети – ЕУ меу, Европа мевропа … За градење на граѓанска свест и смисла за толеранција, вклучувајќи ја се разбира и сообраќајната култура, се потребни пред сè традиција на семејно воспитување, (во духот на толку неопходната толеранција), и добро образование, а што во преден план, како што би рекол Солженицин, на улиците ќе го изнесе неговото височество – граѓанинот.
И ако сега се навратиме на споредбата од почетокот на овој текст, лесно ќе се согласиме дека Македонија е далеку помал пазар од Индија за „Ауди“ воопшто да размислува дали да инвестира средства во засилување на сирените во автомобилите што се возат на македонските патишта. Можеби ни останува како мисловен експеримент да замислиме што би се случило кога, во сосема спротивна насока, би се донело законско решение за забрана и исклучување на сирените од возилата во Скопје? Еден пријател ми понуди мошне интересен одговор. Такво нешто не би се завршило само со отворање на прозорците и врескање, туку на оптоварените јазли веројатно би се случувало возачите да излезат и физички да се пресметаат, употребувајќи ги не само голите раце, туку и понекој тап предмет, а можеби би светнала и некоја кратка цевка. Ништо не може со сигурност да се исклучи. Затоа е можеби подобро да продолжи вака како што е. Еден енормен психолошко-социјален сообраќаен агрегат, што континуирано се разлева преку секаков вид фрустрации на улиците, каде што сите се во право и никој не е виновен.
И да завршиме со едно прашање, кое можеби некому ќе му прозвучи како банализирана парафраза. Не прашувајте за кого свират сирените? Свират за сите и за секого. Во задушувачкото ехо на човечката, граѓанска неизделканост – и глупост.