За „идеалниот субјект“

Но, политиката кај нас, особено меѓународната, со ретки исклучоци, никогаш не била професија, па ни занимање, туку само средство за профитерство, кариеризам и неказнивост за неодговорно однесување. Инаку затворите би ни биле полни со оние инфантилни „субјекти“ кои со децении се плеткаа во надворешната политика. О

98

Не дека јас сум некаков експерт за Хана Арент но, некако, димензиите на зборовите на таа жена за филозофските дилеми на човекот во минатиот век – но и сите претходни и идни векови – оставаат длабок впечаток за мноштво суштествени егзистенцијални прашања. На пример, како таа го дефинира идеалниот субјект на тоталитарното владеење.

Тој, идеалниот субјект, вели Арент, „не е убеден нацист или убеден комунист, туку луѓе за кои разликата помеѓу фактот и фикцијата (т.е. реалноста на искуството) и разликата помеѓу вистината и лагата (т.е. стандардите на мислата) повеќе не постојат“! Или, преведено на денешен политички јазик, идеалниот субјект не е неолиберален навивач или конзервативен поддржувач, не е „прогресивен“ социјалдемократ или убеден десничар…, туку токму онаа (како што не случајно минатиот пат ја нареков) кусогледа клиентела, оној аморфен квази-интелектуален дел од македонската академска јавност.






Меѓу нив особено и сите оние „новинари“ кои наводно „вообичаено поставуваат незгодни прашања“, или оние наводни активисти „што не се помируваат со систем што затајува“ (?!), а особено не „интелектуалците што одбиваат да молчат“! Да имаше навистина такви, зарем ќе бевме ова што сме?

Но, впрочем, сетете се на јавниот збор во времето хибридниот режим 2017-2024, но и на некои претходни периоди, се разбира, ама и на неговите денешни продолжетоци. Или на времето на „Шарената револуција“ и особено по неа, што одлично ги разоткри сите такви „активистички“ и „интелектуални“ шеми, целиот тој маскиран „револуционерен“ субјект набилдан како толпа. И тие сакаат да го продолжат тоа време.

Тие и такви „интелектуални“ групички се основата на сите македонски „системи“, од нив тие црпат сила и добиваат поттик, иако тие, де факто, се само проста продолжена рака на „системот“ минат или во доаѓање, сеедно – кои себеси сакаат да се видат како оние погоре опишаните, како некои кои поставуваат прашања, не се помируваат со состојбите и слични будалаштини. А тие се само добро платени така да се претставуваат. Тие се само полуписмено но арогантно агресивно мноштво „субјекти“ кои дозволуваат да бидат манипулирани и лажени од „идеолошките“ гласноговорници, кои партиската лага ја прифаќаат за неотповиклива вистина а фактите им се еднакво далечни како и реалноста.

Токму тие се тој денешен слеп „идеален субјект“ за којшто пишува Арент! И затоа тие поставуваат знак на равенство помеѓу фактите и фикцијата кога тоа го бара нивната „идеолошка“ водилка, ја убедуваат јавноста во вистинитоста на лагите пласирани од „идеолошкиот“ извор. Како сегашново славење на онаа бедна травестија со промената на името која се „одомаќинила“ и станала „дел од системот“. Од кој и чиј „систем“? Оној на грст пезевенковци предводени од еден пазарџија кој веднаш потоа ја напушти државата шетајќи ги своите бизниси низ светот? И ниту еден од тој грст скапо платени бадијалџии – сосе нивните еднакво преплатени мегафони – никако да ја прочита онаа изјава на Ципрас, вториот политикантски трговец, кој вели дека во вистинско време го потпишале договорот бидејќи работите во регионот и во светот баш и не оделе во корист на Грција и оти ако почекале ќе морале да ја пуштат Македонија во НАТО под уставното име или со привремената референца. Ама кога нашиве „прогресивни“ кленови нешто би разбирале од меѓународна политика!

Но, политиката кај нас, особено меѓународната, со ретки исклучоци, никогаш не била професија, па ни занимање, туку само средство за профитерство, кариеризам и неказнивост за неодговорно однесување. Инаку затворите би ни биле полни со оние инфантилни „субјекти“ кои со децении се плеткаа во надворешната политика. Оние пак малкумина компетентни индивидуалци од други професии кои, по сила на нештата, влегувале во македонската политика, не траеле долго и не можеле многу да променат. Не умееле да ја продаваат лагата како вистина, црното како бело, поразот како победа…! И никој од македонските политичари не барал култура, етика, морал… Токму таквата политикантска средина раѓа онакви „идеални субјекти“ кои манипулираат и се манипулирани, кои лажат и се лажени. Но имаат свои мегафони кои мислат дека успешно ги покриваат сите нивни ступидарии. Како впрочем онаа со името.

И сето тоа успешно се вклопува во таканаречената македонска надворешна политика односно во една лакрдија пласирана како теза дека сите успеси – замислете: успеси – на тој план Македонија ги должи на квалитетниот кадар и политики на сдсм (малите букви се…)! Се разбира, од групацијата на македонските „идеални субјекти“ не би ни можела да произлезе посмешна измислица којашто изгледа треба да ја поткрене самодовербата кај оние преостанати палјачовци кои глумат политичари во денешниот куќен совет. Верувам и дека дел од нив навистина верува во оваа лакрдија.

Но, да беше така, зарем не ќе се најдеше барем еден јунак да одговори на онаа неодамнешна „контроверзна“ изјава на унгарскиот министер за надворешни работи дека и некои други европски „сили“ освен источниот сосед во последниве дваесет години ја кочат Македонија на патот кон еу (малите букви се…). Или не знаат што да одговорат? Но како не би знаеле кога сите наши надворешно политички „успеси“ им ги должиме токму ним? Како ги превиделе фактите што ги посочи Сијарто? И кои се тие „успеси“? Оние во последните години викани промена на уставното име на државата, Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија (сосе протоколите), „француската рамка“, играриите со историјата, јазикот, идентитетот…?

И како никој од оние „идеални субјекти“ – оние мистериозни државни душегрижници во ликот и делото на некакви самобендисани „новинари“, „активисти“, „интелектуалци“… – не најдоа за потребно да постават барем едно прашање околу изјавата на Сијарто? Да им го постават лично на Заев, Шеќеринска, Филипче и компанија, но и на некои персони од таа збирштина кои и понатаму се петелат со нивните надворешнополитички „мудрувања“? Ама имаат десетици небулозни коментари за сегашната надворешна политика на државата. Како еден министер, со една реченица, им ги затвори устите на цела „плејада“ сдсм шалабајзери камуфлирани во надворешно-политички „стручњаци“?

А впрочем, ќе одговори ли конечно некој како, и зошто, таа плејада надворешно-политички „кадри“ на онаа сдсм и сегашниот куќен совет од 1992 година ја држеше земјата во канџите на тоталната неизвесност и изолација, за потоа со неколку малоумни потези да ги урниса сите доблесни столбови на македонската државност?

Зашто, една онаква изјава на еден европски министер за надворешни работи ќе одекнеше како бомба во која и да е друга интелектуална средина, ќе се коментираше, ќе се бараа појаснувања од домашни и странски експерти, но и од самиот извор… Кај нас – тотален молк! Заради што? Кој се плаши од Сијарто, и зошто? Или ние, многумина и несвесно, навистина си игра(в)ме држава цели три децении? Ама некои беа дебело платени за тие „игри“. И не само тие туку и нивните семејства, поблиската и подалечната фамилија итн.

Или, ако ние навистина – како што вели онаа неодамнешна Итарпејовска лакрдија – сме имале таква моќна меѓународна политика во изминативе три и кусур децении, зарем никој од тие главни актери нема да излезе на јавна прес конференција и да го демантира Сијарто? Да му каже дека тој не ги разбира, уште помалку ги познава, македонските прилики и успесите на сдсм-овската дипломатска школа? Мислам дека тоа би било сосема на место, нели? И да му одржи убаво предавање како функционира еу (малите букви се…) зашто тој тоа очигледно не го знае?!

Или македонскиве сдсм „дипломати“ како првоодделенци од Бихаќката дипломатска школа ни за тоа не се способни? Ама први се дома да пелтечат за личните „успеси“ и „знаења“, за големите дипломатски „победи“ во текот на овие три децении, вклучувајќи ги тука и последниве „екстраординарни“ катастрофи од форматот на Нивице, Бугарија, „француска рамка“ и др.?! И дека да не биле тие, ќе сме се удавеле во турбулентното море на светската политика!? Па тие му доаѓаат некако како децениски спасители на државата? Каква бласфемија, каков безобразлук од возрасни луѓе кои во некој период ги земавме и за сериозно! А некои, за живо чудо, и денес ги сметаат за такви. Или, да не е тоа само потребата од јавни палјачовци, од „идеални субјекти“ кои ќе внесуваат смут во јавниот простор?

Секако, не сакам да кажам дека такви „идеални субјекти“, но и катастрофични „експерти“, има(в)ме само во надворешната политика. Не, никако. Но г-динот Сијарто и неговата „контроверзна“ информација, како впрочем и годишнината од Преспанскиот договор и онаа лакрдијашка теза, ја наметнаа таа тема. Инаку, ако прочепкате и низ сите други области – култура, образование, наука, здравство, социјала… – среќавате пустош идентичен како и во надворешната политика. И тоа, секако, е дело на „школата“ на сдсм од Бихаќка и на цела чета нивни подлизурковци и „идеални субјекти“.

И не, не сакам да кажам дека е само нивна „школа“, но никој друг не се фали така со сопствените порази и глупости како нив!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини