За градинарите нема забрана за движење за викенд
За останатите земјоделци кои имаат неодложни активности ќе се издаваат дозволи.
Раноградинарите се исклучени од забраната за движење во викенд деновите, за останатите земјоделци кои имаат неодложни активности ќе се издаваат дозволи, изјави денеска министерот за земјоделство Трајан Димковски.
-Тоа значи, дека оваа категорија на земјоделци не треба да вадат посебни дозволи. Но, укажуваме ова исклучување да се искористи исклучиво за вршење на земјоделските активности во пластениците. Дополнително, другите земјоделци од останатите подсектори како што се сточарите, овоштарите, полјоделците и други, доколку имаат неодложни активности поврзани со земјоделско производство за време за забрната за движење, треба телефонски да се јават во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и да остават мејл адреса за контакт. Откако подрачната единица ќе изврши проверка на доставените податоци од страна на земјоделците, истите се доставуваат до МЗШВ, кои потоа се проселдуваат до Министерството за информатичко општество и потоа на нивните мејлови им стигнува дозволата – рече Димковски.
Димковски информира и дека владата донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за земјоделско земјиште.
– Ова значи дека роковите кои се определени со Законот за земјоделското земјиште за донесување на одлука за отпочнати постапки со прибирање на понуди, а кои истекуваат за време вонредната состојба, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба. Истите, започнуваат одново да течат по истекот на вонредната состојба. Откако ќе заврши вонредната состојба изборот на најповолен понудувач во отпочнатите постапки со прибирање на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари, ќе се врши согласно Правилникот за поблиските критериуми за избор на најповолен понудувач на земјоделското земјиште кое може да се даде во закуп – рече Димковски.