ЗА ФИЦО ПЛАНОТ НА ЕУ Е „ИМБИЦИЛЕН“ Словачка одби да гласа за санкции против Русија

Словачка ја стопира европската санкциска машина, Фицо го поврзува гасот со казнените мерки и ја засилува преговарачката моќ на земјата пред ЕУ.

507

Словачкиот премиер Роберт Фицо ја крена рампата за 18-тиот пакет санкции на ЕУ против Русија, откако официјално побара одложување на гласањето, тврдејќи дека предлогот на Европската комисија не ги штити интересите на неговата земја.

Преку објава на Фејсбук, Фицо сподели писмо од претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, кое, како што рече, било одбиено од другите словачки политички лидери. Според него, предложениот пакет е несоодветен и не ги зема предвид специфичните потреби на Словачка.






– Комисијата нуди „амбициозен и сеопфатен план“, но тоа не е доволно. Словачка нема да биде жртва на туѓи интереси – порача Фицо.

Најострата критика ја упати кон планот за целосна забрана на увоз на руски гас од 2028 година, што го нарече „имбецилен“. Иако овој предлог не е директно вклучен во пакетот санкции, Фицо намерно ги поврзува двете прашања, со цел да ја зајакне позицијата на Братислава на европската маса.

– Подготвени сме за дијалог, но за Словачка единствено прифатливо решение е исклучок од забраната до 2034 година, додека трае постојниот договор – нагласи Фицо.

Словачкиот премиер потенцираше дека секоја одлука за санкции бара едногласност, што значи дека без поддршка од Братислава, новиот пакет нема да може да стапи во сила.

Поврзани содржини