ЗА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ НЕ ПОСТОЈАТ МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК И ИДЕНТИТЕТ Ладно, со амандмани, европратениците ги избришаа термините од Извештајот за Македонија
Со мнозинство гласови беше усвоен заедничкиот амандман за бришење на македонскиот јазик, што го поднесоа европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“.
Европратениците ги избришаа термините македонски јазик и идентитет од Извештајот за напредокот на Македонија што го изготви австрискиот европратеник Томас Вајц и во конечната верзија на документот, кој беше усвоен, не се споменува македонски јазик и македонски индентитет, исто како и во сите досегашни извештаи.
На денешната пленарна седница на ЕП се одржа само гласањето за амандманите и за усвојувањето на целиот извештај, откако синоќа заврши дискусијата меѓу европратениците.
Со мнозинство гласови беше усвоен заедничкиот амандман за бришење на македонскиот јазик, што го поднесоа европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“.
Амандманот се однесува на членот 3 од Извештајот, делот каде се вели: „европратениците го повикуваат Европскиот совет јавно и недвосмислено да сигнализира дека има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за преминување во следната фаза од преговорите за пристапување со Северна Македонија во ЕУ, откако ќе бидат исполнети условите од неговите заклучоци од 18 јули 2022 година, целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет…“.
Со денешното гласање, во овој пасус се избришани зборовите: „целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет“.
Во членот 7 од извештајот на ЕП се вели дека „ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството и уставниот поредок на нацијата, но и од европските вредности, нотира дека европските институции во извештаите за земјите и во официјалните документи постојано се повикуваат на македонскиот јазик, во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор и потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации“.
И на овој член тројцата европратеници поднесоа амандман со кој бараа да се избрише првиот дел од пасусот каде се споменуваат македонскиот јазик и идентитет, па амандманот беше усвоен. Во конечната верзија на Извештајот, членот 7 почнува од делот „потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента“.
Бугарски европратеник имаше амандман пред македонски јазик да стои привремен, но тој беше одбиени. Амандмани имаше и авторот на Извештајот, Томас Вајнц, но и тие беа одбиени.
Претходно, извештајот помина во Комисијата за надворешна политика при Европскиот парламент и во него стоеја термините македонски јазик и идентитет, но во конечната верзија јазикот и идентитетот на Македонците не постои како термин.
Извештајот беше усвоен со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“. Документот содржи препораки за натамошен напредок во владеењето на правото, борбата против корупцијата, реформата на јавната администрација и зајакнувањето на демократијата.