ЗА ЕДЕН ОСНОВЕЦ СЕ ТРОШАТ 1.830 ЕВРА, ЗА СРЕДНОШКОЛЕЦ 1.680 ЕВРА ГОДИШНО Од 2026 година парите во образованието ќе се делат по нова методологија
Новата формула предвидува праведна распределба на парите за основното и за средното образование, со посебна поддршка за учениците со посебни потреби, наставата на малцинските јазици и за развојот на дефицитарните струки, како и за оптимизација на училишната мрежа и за воведување едносменско работење, информира министерката за образование Весна Јаневска.
Владата усвои нова методологија за финансирање на основното и на средното образование, која од 1 јануари 2026 година ќе овозможи парите да се распределуваат според реалната цена на образованието по ученик. Новата формула предвидува праведна распределба на парите за основното и за средното образование, со посебна поддршка за учениците со посебни потреби, наставата на малцинските јазици и за развојот на дефицитарните струки, како и за оптимизација на училишната мрежа и за воведување едносменско работење.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска на денешната прес-конференција во МОН рече дека промената на формулите за пресметка на блок-дотациите од државниот буџет е неопходна, затоа што постојните не обезбедуваат ефикасност во финансирањето.
Во моментов, како што информираше Јневска, дури 90 проценти од парите што ги добиваат општините се користат за исплата на плати и за режиски трошоци на училиштата, што е значително над просекот во ЕУ, каде изнесува 70 проценти. Блок дотациите растат, но најчесто само за да се покрие растот на платите, а не и за развој на училиштата и за подобрување на квалитетот на наставата.
Јаневска појасни дека новата формула за финансирање на основното образование има две компоненти – основна и варијабилна.
– Основната ќе го покрива стандардизираниот трошок по ученик, кој утврдивме дека изнесува 112.747 денари (1.830 евра) на годишно ниво. Тука влегуваат платите и придонесите на вработените, нивното стручно усовршување и режиските трошоци на училиштето. Оваа компонента го зема предвид степенот на развој на училиштата, што е пресметан со коефициент во вредност од 0,75 до 2,55. Поразвиените училишта ќе добиваат помал, а помалку развиените училишта ќе добиваат поголем износ, согласно пропишаниот норматив за простории и за опрема, со цел да се забрза нивниот развој. Варијабилната компонента ја сочинуваат трошоците за превоз на учениците, за поддршка на учениците со посебни образовни потреби, за учениците кои следат настава на турски, босански и српски јазик и за учениците кои следат настава во подрачни училишта – рече министерката.
Формулата за пресметка на блок дотациите за средното образование, исто така ќе го покрива основниот трошок по ученик со сите компоненти за плати, придонеси и режиски трошоци. Овој трошок по ученик е утврдено дека изнесува 103.589 денари (1.680 евра) за цела година.
Министерката Јаневска појасни дека основниот трошок по ученик се множи со вкупниот број на ученици во гимназиско образование. За средното стручно образование трошокот се множи со бројот на ученици и со пондерите за одделните групи сектори, што значи дека поголем износ ќе добиваат училиштата кои нудат дефицитарни струки и области, во кои постои потенцијал за развој како што се земјоделската, машинската, електронтехничката, сообраќајната и ветеринарната. Варијабилниот трошок за средните училишта зависи од учениците со посебни образовни потреби и оние кои следат настава на турски и на српски наставен јазик.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерката Весна Јаневска истакна дека најголемите пропусти на старата формула за финансирање се неефикасната распределба на средствата, каде што до 98 проценти од блок дотациите во некои општини се трошеле исклучиво за плати и режиски трошоци, без простор за развој на училиштата. Новата формула која се базира на реалната цена на образованието по ученик, како што рече, овозможува праведно финансирање и во основното и во средното образование, со посебен фокус на стручните училишта кои имаат поголеми потреби од простор, опрема и материјали. Таа ќе овозможи оптимизација на училишната мрежа, подобрување на условите за наставниците и учениците, како и постепено воведување на едносменско работење, особено надвор од Скопје, со цел рационално користење на ресурсите.
Поздравувајќи го усвојувањето на новата методологија за пресметка на блок дотации, претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер, рече дека оваа реформа претставува стратешки пресврт кон градење на поефикасен и поинклузивен образовен систем.
– Новата методологија ќе им помогне на училиштата подобро да одговорат на различните потреби на учениците преку дополнителна поддршка за вклучување на децата со посебни образовни потреби, оние што учат на јазиците на помалите етнички заедници и оние што потекнуваат од социјално ранливи семејства – рече Милер.
За примена на новата методологија, ќе следат обуки за општинските администрации и за вработените во училиштата. За училиштата е предвиден и период на прилагодување.