ЗА ДОМАЌИНСТВАТА СЕ ПОДГОТВУВА СТРУЕН ШОК Неизвесно е колкаво ќе биде зголемувањето на цената на струјата

Регулаторната комисија, при крајот на декември ќе одлучи дали и какво зголемување на цената на струјата ќе има за домаќинствата од јануари следната година.

4,917

Колку домаќинствата ќе ги чини струјата од јануари? Моментално се знае дека ќе биде повисока од сегашната, но колкаво ќе биде зголемувањето официјални податоци нема. Регулаторната комисија за енергетика очекува на крајот на декември веќе да ја има новата цена која ќе важи од јануари следната година.

Неофицијално се шпекулира за повисока цена на струјата од 9 до 20 отсто. Меѓутоа, факт е дека зголемувањето ќе зависи од тоа колкава цена ЕСМ ќе понуди за струјата која треба да ја обезбеди за ЕВН Хоме која ги снабдува домаќинствата и какви трошоци и загуби ќе покажат МЕПСО и Електродистрибуција кои учествуваат во формирањето на цената за крајните потрошувачи. Дополнително влијание ќе има и цена на енергенсот која ќе треба ЕВН Хоме да ја плати за 40 отсто од потребната струјата за домаќинствата која ќе треба да ја купи на слободниот пазар.






Дека цената на струјата ќе биде повисока од јануари официјално кажаа и надлежните, но не кажаа колкав би бил тој раст. Регулаторната комисија чека официјални податоци од енергетските компании па да ја направи конечната пресметка, а владата сè уште се обидува да го зголеми домашното производство кое ќе треба да обезбеди најголем дел од струјата за домаќинствата и малите компании. ЕСМ, пак, најавува дека во текот на декември ќе го проанализира производството, па ќе може да понуди цена на струјата.

Деновиве се шпекулира дека цената на струјата за домаќинствата би можела да се зголеми и до 20 отсто, со оглед дека на светските берзи цената вртоглаво порасна на 230 евра за мегават час.

Очекувањата за процентот на згоелмување на цената на струјата зовреа откако пропадна тендерот на ЕВН Хоме за набавка на струја бидејќи на него не се јави ниту еден продавач на струја, па ниту ЕСМ. Сега е распишан и втор тендер кој ќе трае до 25 ноември, но не се знае дали и на овој ќе се јави ЕСМ , кој според Законот за енергетика, во 2022 година задолжително треба да обезбеди 60 отсто од потребната струја наменета за домаќинствата. Остатокот ЕВН Хоме ќе треба да го набави на слободниот пазар каде што цените се движат и до 230 евра за мегават час.

Ако ЕСМ не се јави на овој или некој нареден тендер за набавка на струја од страна на ЕВН Хоме, тогаш струјата би поскапела и за многу повеќе со оглед дека ЕВН Хоме ќе треба да ја набави струјата од слободниот пазар.

Вообичаена практика е ЕВН Хоме да објави јавен повик за набавка на струја за домаќинствата два пати годишно во декември за првите 6 месеци од годината и во јуни за вториот дел од годината, но годинава порани и ја затекна неподготвена ЕСМ.

Од ЕСМ, не кажуваат што ќе се случува со цената на струјата и дали компанијата ќе учествува на актуелниот тендерот на ЕВН Хоме, но информираат дека утре во Регулаторната комисија за енергетика ќе се одржи состанок на енергетските субјекти на кој ќе се дискутира за актуелната состојба и за  планот за 2022 година.

– ЕСМ го подготвува планот за производство за 2022 година. Планот потоа ќе се достави на разгледување во Владата каде што на затворена седница треба да се донесе одлука за процентот на електрична енергија кој ЕСМ треба да го обезбеди  кон ЕВН Хоме и цената по која истата ќе се понуди – велат од ЕСМ.

Претходно директорот на компанијата Васко Ковачевски изјави дека во декември ќе се прави анализа на производството, и дека очекува на тендерот да се учествува со најниска производна цена.

– Во декември треба да направиме план, програма за производство за следната година. Ќе се ориентираме според трошоците зголемени во однос на зголемената енергија на ресурси, репроматеријали и ќе формираме цена која ќе ја доставиме до Владата. Владата ќе ни даде задолжение. Цената на електричната енергија ја одредува регулаторна комисија за енергетика, а ние учествуваме во цената само со 33 отсто. Ние ќе гледаме да одиме со најниска производна цена, но да бидеме свесни дека нема да одиме со истата цена од оваа година. Ќе има покачување на цената но не можам ни јас да кажам, ниту некој друг колку проценти ќе биде – рече Ковачевски.

Моменталната цена на електричната енергија која ја плаќа ЕВН Хоме за 70 отсто од струјата што ја набавува за домаќинствата од ЕСМ е 36,1 евра за мегават час, а другите 30 отсто кои ги купува исто така од ЕСМ се по просечна цена од 50 евра за мегават.

Во крајната цена на ЕВН Хоме, пак, не влегува само цената на струјата што ќе ја понуди ЕСМ. Таа учествува со 33 отсто во крајната црена. Во неа се пресметуваат и трошоците за загубите на МЕПСО кои учествува со 3,5 отсто во цената, како и трошоците на загубите на Електродистрибуција кој учествува со 36 отсто во цената.

Во крајната сметка, пак на домаќинствата, ќе влезе и намалениот ДДВ за струјата кој за првите 6 месеци од годината ќе биде 5 отсто, а потоа од 30 јули 2022 година до 30 јуни 2023 година ќе се применува со повластена даночна стапка од 10 отсто.

Владата во меѓувреме се обидува да го зголеми производството на електрична енергија за да го ублажи ценовниот шок. Во декември, според најавите, треба да почне производството на струја од ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино, а е најавено и дека ќе биде пуштен и блокот 3 во РЕК Битола. Од ова производство сепак ќе зависи и цената која ќе биде понудена на тендерот на ЕВН Хоме.

За големите фирми и институциите да добијат струја по пониски цени, АД ЕСМ распиша тендер за увоз на јаглен за термоелектраната РЕК Битола, за таа да може да произведува струја во полн капацитет во трите блока. Но набавката сè уште не е реализирана.

МЕПСО веќе направи милионски долгови за приклучување на европската енергетска мрежа, бидејќи го покрива недостатокот што го прават фирмите кои тргуваат на слободниот пазар. Колку ова ќе влијае на трошоците што ќе ги прикаже до Регулаторната комисија за енергетика ќе се види наскоро.

Засега нема информации со какви барања ќе настапи и Електродистрибуција која има удел во вкупната цена на струјата од 36 отсто.

МЕПСО и Електродистрибуција пред да побараат покривање на трошоците за загубите ќе треба да објават тендер за набавка за загубите а ЕВН Хом ќе требас да објави тендер за набавка на струја.

Регулаторната комисија, пак, ќе одлучи за цената на струјата откако ќе ги добие точните параметри од компаниите. Моментално оттаму не сакаат да излегуваат со никакви најави за висината на цената на струјата. Но, на располагање на регулаторот е мерката намалување на висината на профитите на енергетските компании.

– ЕСМ треба да има цена по која што ќе си ги покрива своите трошоци и врз основа на тоа да си го планира производството, а ЕВН хоум набавката. Доколку трошоците на компаниите за набавка на електрична енергија се превисоки, тогаш РКЕ ќе ја разгледа опцијата за намалување или целосно укинување на профитите на енергетските компании што ги регулира, со цел да се избегнат ценовни шокови – вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски.

Според него, Регулаторната комисија, при крајот на декември ќе одлучи дали и какво зголемување на цената на струјата ќе има за домаќинствата. До тогаш компаниите ќе треба да завршат со постапките за набавки за покривање на загубите и барањата за прифаќање на трошоците и загубите до Регулаторната комисија.

– Компаниите веќе  можат да ги доставуваат барањата, а нашата конечна одлука за цената на струјата ќе ја донесеме при кај на декември со важност од јануари – вели Бислимоски.

Засега само експертите излегоа со конкретни бројки за колку ќе биде поскапувањето на струјата. Според нив, по Нова година се очекува да поскапи за повеќе од 20 отсто, бидејќи цената на светските берзи е зголемена за повеќе од 10 пати.

Земјава во моментов се соочува со енергетска криза, главно од зголемените цени на берзите во Европа, поради што фирмите кои тргуваат со струја на слободниот пазар не се во можност да ја достават количината на струја која ја договориле со други фирми и државни институции.

Поврзани содржини