За доброто на народот…
И чекав цели два дена да слушнам реакција барем од некој од раководството на неговата партија или некој од оние кои глумат интелектуалци, или од колеги од универзитетот, или од некоја друга партија… Штама! Што ќе рече дека и тие се подготвени веќе утре да убиваат за доброто на некој друг народ, па и на нивниот? Веројатно.
Како и целиот цивилизиран свет, особено „високоинтелектуалната“ Европа кон која, нели, стреми и нашава локална провинциска „интелигенција“ – особено сувопарната универзитетска „елита“ – и јас одбирам да молчам за овој ужас на векот, за цивилизацискиот колапс еднаков на оној европскиот во Втората светска војна но сега со заменети улоги… Но молкот ни е од различни побуди. Мојот е од срам, зашто каква полза од зборови, од емоции, од гадење…, кога сите молчат додека „прогресивните“ шерифи убиваат? Никаква. Ние како држава дури и ги пофаливме!
А се најде и еден – лекар, универзитетски професор, „лидер“ на (божем) демократска партија, (срам ми е и името да му го кажам!) – кој „епохално“ ни откри за што служи „епскиот бес“: за доброто на Иранскиот народ!(??) И таква идиотштина со векови не е слушната во човековата историја, таков нехуман простотилак изречен во дваесет и првиот век ќе остане забележан засекогаш. Баш од Македонија. И уште еднаш ја потврди на дело тезата на Хана Арент за „баналноста на злото“ којашто, ете, се најде некој, па и цела партија во Македонија, да го оправда. За доброто на народот им го убиваат верскиот лидер и безмалку целиот државен врв, срамнуваат со земја училиште со убиени преку сто и шеесет ученички…, и сето тоа за доброто на народот?!
Браво.
И чекав цели два дена да слушнам реакција барем од некој од раководството на неговата партија или некој од оние кои глумат интелектуалци, или од колеги од универзитетот, или од некоја друга партија… Штама! Што ќе рече дека и тие се подготвени веќе утре да убиваат за доброто на некој друг народ, па и на нивниот? Веројатно.
Затоа, да продолжиме со молкот, да се правиме дека не го гледаме/слушаме дивеењето на секакви налудничави монструми, а други, ним слични, да ни објаснуваат што првите всушност прават. За наше добро!
Меѓутоа, има нешто што никако не може да се премолчи: наследството и „симболиката“ на овие и вакви постапки. Од една страна тие целосно и неотповикливо ОПРАВДУВААТ сѐ што низ историјата на цивилизацијата се случувало на таков или сличен начин. Особено во 20-от и почетокот на 21-от век, а тоа ќе рече дека веќе нема злосторници, агресори, масовни убијци…, нема разлика помеѓу „Lebensraum“ и Газа, сега и Иран…, веќе од вчера за сѐ има оправдување без оглед на употребеното име. Па нека е и „потенцијална закана“, нели, во чиешто име се ликвидира како кучиња цело државно раководство, се таргетираат училишта од „паметни“ бомби итн.
А од друга страна, токму некој од Македонија – оваа земја која на сите страни говори за историските злосторства и притисоци врз неа – најде за потребно тоа да го оправда како „добро за Иранскиот народ“! Дали, тогаш, и сето ова што нам ни се случува е „за наше добро“, дали тоа е водечкото алиби за оние седум нивни злосторнички години? Дали тоа сега станува актуелна крилатица и за сите нивни криминали: за болницата во Тетово, за убиственине автобуси, можеби и за „Пулс“…, дали сето тоа сега ќе го оправдуваат со „за доброто на народот“?!
Просто да умреш од срам.