За ден-два прекин на огнот меѓу Израел и Газа

Египетски безбедносен извор за британските медиуми изјави дека завојуваните страни, со помош на медијатори, принципиелно веќе се согласиле за прекин на огнот, но дека деталите сѐ уште се водат во тајност.

253

Високо позицонираниот претставник на Хамас, Муса Абу Марзук, денеска изјави дека за неколку дена може да дојде до прекин на огнот меѓу Израел и палестинските вооружени групи во Појасот Газа, иако судирите влегоа во 11-от ден, а во најновиот израелски напад се повредени четири лица.

– Верувам дека тековните напори за прекин на огнот ќе вродат со плод. Очекувам заеднички договор за прекин на огнот да биде постигнат во рок од еден ден или два – изјави политичкиот претставник на Хамас, Абу Марзук, за либанската ТВ ал-Мајадин.






Белата куќа вчера соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден го замолил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веднаш да ги деескалира тензиите во конфликтот со Газа, со интенција да се оди кон прекин на огнот.

Египетски безбедносен извор за британските медиуми изјави дека завојуваните страни, со помош на медијатори, принципиелно веќе се согласиле за прекин на огнот, но дека деталите сѐ уште се водат во тајност, а катарската телевизија Ал Џазира објави дека мировниот пратеник на ОН за Блискиот Исток, Тор Венесленд, во Катар се состанал со лидерот на Хамас, Исмаил Хание.

Утринава борбите влегоа во 11-от ден, откако Израел по полноќ извршил повеќе од десетина воздушни напади врз Газа, додека Палестинците истрелале повеќе ракети кон Израел.

Во израелски напад врз градот Кан Јунис, во јужна Газа, се поврдени четири лица, јавија локалните здравствени служби.

Израелската војска соопшти дека нејзините авиони рано утринава погодиле складиште за оружје во Газа кое се наоѓало во домот на официјален претставник на Хамас, како и „воена инфраструктура сместена во резиденциите“ на други команданти на Хамас, вклучувајќи го и Кан Јунис.

Британските медиуми јавуваат дека сирените за ракетни напади рано утринава се огласиле во јужниот израелски град Бершеба и во областите што граничат со Газа, но засега нема извештаи за жртви или штети.

Од 10 мај и почетокот на конфликтот, палестинските здравствени служби пријавија 228 смртни случаи во израелските бомбардирања врз Појасот Газа, додека израелските власти соопштија за 12 убиени лица во ракетните напад на Хамас.

Договор за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел може да биде постигнат во рок од 24 часа, изјави извршниот секретар на Централниот комитет на Фатах, Џибрил Раџуб.

– Напорите на арапските земји предводени од Египет, во кои беа вклучени заинтересирани страни, беа крунисани со успех во форма на нацрт договор за примирје што може да стапи на сила во рок од 24 часа – рече тој во интервју за саудиската телевизија Ашарк.

– Очекуваме сегашните борби да престанат во следните неколку часа – рече Раџуб, додавајќи дека сегашната ескалација создаде нова реалност и оти ситуацијата на Блискиот исток веќе нема да биде како што беше пред десет дена.

Телевизијата Ал-Арабија, повикувајќи се на информирани извори, вчера јави дека висока египетска делегација ја посетила Рамала со цел да преговара за претстојниот договор за примирје меѓу Хамас и Израел, кои меѓусебно се напаѓаат од 10 мај.

Поврзани содржини