За датумот на изборите да одлучуваат епидемиолозите, а не политичарите
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека ако епидемијата помине, тогаш изборите настапуваат веднаш, а ако продолжи, тие се одложуваат и партиите нема да имаат голем избор околу тоа прашање.
Епидемиолошката состојба ќе го диктира терминот за одржување предвремени парламентарни избори, а не партиските калкулации. Ова го тврдат политичките аналитичари и посочуваат дека во моментов треба добро да се размисли дали е побезбедно да се одржат изборите во текот на летото, или, пак, да се ризикува нивно одложување за наесен кога ситуацијата може да биде повторно критична со оглед на прогнозите на Светската здравствена организација (СЗО) за евентуален нов бран зараза со коронавирусот.
Единствената ситуација во која партиските калкулации би имале влијание е ако имаме минимален број заболени, а епидемијата да не биде завршена.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека ако епидемијата помине, тогаш изборите настапуваат веднаш, а ако продолжи, тие се одложуваат и партиите нема да имаат голем избор околу тоа прашање.
– Ако бројот на заразени континуирано опаѓа и ако животот почне да се враќа во нормала, тогаш ниту еден политички аргумент нема да може да ги спречи изборите, ниту, пак, ќе постои можност за продолжување на вонредната состојба како единствен механизам за таквото одложување. Од друга страна, ако имаме нов тренд на зголемени бројки на заразени пациенти и ако постои реален ризик по здравјето на граѓаните, тогаш изборите секако дека ќе се одложат и никаква политичка аргументација нема да може да ги забрза. Дури и нивното закажување на сила нема да има ефект, бидејќи гласачите ќе останат дома, уплашени за сопственото здравје. Единствената ситуација во која партиските калкулации би имале влијание е ако имаме минимален број заболени, а епидемијата да не биде завршена. Само тогаш на сцена стапуваат политичките пресметки во поглед на тоа дали е побезбедно да се направат избори сега или да се ризикува нивно одложување за наесен – подвлекува Арсовски.
Министерот за здравство, Венко Филипче, во емисијата „Здраво Македонија“ на Канал 5 денеска соопшти дека во текот на утрешниот ден ќе се разговара за тоа дали ќе има продолжување на полицискиот час, но и дали се создадени услови за одржување избори.
Што мислат политичарите?
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека првата половина на јули е најбрзиот можен термин кога би се создале услови за одржување предвремени парламентарни избори, а неговиот политички опонент, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, вели дека јули е доцна за избори, бидејќи треба да се земат предвид и економските последици од кризата.
Партијата на Али Ахмети, ДУИ, јасно даде до знаење дека за одржување избори треба да се исполнат два услова. Првиот, како што истакнаа оттаму, е Комисијата за заразни болести да каже дека тој процес нема да го загрози здравјето на граѓаните, а вториот е изборниот процес да биде мониториран од ОБСЕ/ОДИХР.
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, смета дека крајот на јули или почетокот на август претставува добар термин за да бидат спроведени изборите, а истото мислење го дели и првиот човек на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.
Од Движењето Беса, пак, бараат изборите да се одржат час поскоро, но без да се загрози здравјето на граѓаните.
Сепак, ваквите различни ставови на партиските лидери се очекува да бидат испеглани на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски која треба да се одржи на 12 мај, односно на 4 дена пред завршувањето на вонредната состојба.