ЗА ДА НЕ Ѝ ОБЈАВИ ПРИВАТНИ ФОТОГРАФИИ Скопјанец уценувал девојка барајќи ѝ 3.000 евра
Веднаш откако ги зел парите, А.Е. е лишен од слобода, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, се вели во полициското соопштение.
Млад жител на Скопје уценувал девојка од која барал 3.000 евра за да не објави нејзини компромитирачки фотографии кои ги поседувал, соопшти полицијата.
– Денеска (23.12.2021) во трговски центар во Скопје полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје го приведоа А.Е.(24) од Скопје поради основано сомнение за сторено кривично дело уцена – велат од МВР.
Oттаму додаваат дека А.Е. побарал 3.000 евра од 22-годишна девојка од Скопје за да не објави компромитирачки фотографии. Девојката го пријавила делото во СВР Скопје.
– Веднаш по пријавувањето се преземени соодветни мерки и активности и и се дадени крим-технички обработени пари, кои таа му ги дала на А.Е. на претходно договорена средба во трговски центар во Скопје. Веднаш откако ги зел парите, А.Е. е лишен од слобода, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава – се вели во полициското соопштение.