За човек со „вредности“ какви што промовираше Костадин Костадинов – нема место во политиката!

Обидувајќи се да возврати и да му докаже нешто на Латас, струмичкиот градоначалник изврши класично кривично дело Загрозување на сигурноста според член 144 став 1 од Кривичниот законик.

3,180

Никогаш не би го кажал она што Драган Павловиќ Латас го кажал за таткото на струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов.

Кога луѓето на јавната сцена полемизираат меѓу себе, а неретко и се клеветат и се навредуваат, мора да ги поштедат родителите, децата, сопругите и роднините, па и пријателите на своите соработници.






Го кажувам ова како човек кој многу често бил изложуван на јавни атаци, закани, клевети и навреди. За жал, имало случаи кога не биле поштедени ни моите најблиски, вклучувајќи ги и моите деца.

Не знам дали некогаш се случило во афект да возвратам на истиот недоличен начин, но ако некој памети такво нешто, веднаш ќе изразам каење поради таквите моменти на слабост.

Но, да бидеме јасни – сè што кажал или можеби напишал Латас за таткото на Костадинов е во доменот на граѓанската одговорност за навреда и клевета и на моралната одговорност за евентуална повреда на новинарската етика.

Наспроти тоа, она што го објави градоначалникот Костадинов на Фејсбук, за жал, е класично кривично дело.

Кривичното дело се вика Загрозување на сигурноста. Еве го описот на делото во членот 144 од Кривичниот законик:

(1) Тој што ќе ја загрози сигурноста на друг со сериозна закана дека ќе  нападне врз неговиот живот или тело или животот или телото на нему блиско лице, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци.

(2) Тој што ќе го стори делото од став 1 при вршење семејно насилство,  ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

(З) Со казната од став 2 ќе се казни тој што делото од став 1 ќе го стори  спрема службено лице во вршењето на службата или спрема повеќе лица.

(4) Тој што по пат на информатички систем ќе се закани дека ќе стори  кривично дело за кое е пропишана казна затвор од пет години или потешка  казна против некое лице поради неговата припадност кон определена национална, етничка или расна група или верска определба, ќе се казни со  казна затвор од една до пет години.

(5) Гонењето за делото од ставот (1) се презема по приватна тужба.

Градоначалникот Костадинов на Фејсбук на Латас му напиша:  „Ти ветувам: Ова ќе го носиш на врат цел живот. И кога ќе ми се роди внук, ќе знаеш дека некој Костадинов некаде знае кој си. И кога ќе шеташ по улица, ќе гледаш преку рамо – бидејќи не знаеш од каде ќе ти дојде наплатата. Цела фамилија Костадинови те чека. Не за тужба. Не за медиумски циркус. Туку за суд што ние го држиме. Според наши закони. Наши правила. Наши вредности. Од Малешевијата до Струмица – кај нас кога ќе ја чепнеш честа на мртов, правдата не се моли. Се зема“.

Костадинов не се заканува со тужба и со суд, туку со „наши закони“, „наши правила“ и „наши вредности“, што подразбира дека „правдата не се моли“, како што вели, туку „се зема“. Во свои раце.

Ова, како и апелот на градоначалникот до следните поколенија Костадинови да се одмаздат, несомнено потврдуваат дека во случајов станува збор за сериозна закана за напад врз животот и врз телото.

Според моето мислење, исполнето е битието на делото пропишано во Член 144 став 1 од Кривичниот законик. На Латас му преостанува да тужи, а потоа да се поведат истражни и други неопходни дејствија за кривично-правно процесуирање на случајот.

Се надевам дека Костадинов ќе собере доблест да ја повлече заканата и да се извини и со тоа да ги намали штетите што му ги нанесе на Латас, но пред сè што си ги нанесе себеси. Зашто, за човек со вакви „вредности“, сепак, не би требало да има место во политиката.

Поврзани содржини