ЗА ЧИИ ИНТЕРЕСИ И АГЕНДИ РАБОТИ СДСМ, РЕАГИРА ВМРО-ДПМНЕ Филипче рече дека Мицкоски е прокси руски играч во регионот, а Македонија е во скутот на Орбан
Венко Филипче се скара со сите дома, а сега се обидува да ја скара Македонија и со стратешките партнери, реагира ВМРО-ДПМНЕ на ставовите на претседателот на СДСМ.
СДСМ како партија е „кукла на конци“, која се движи според агенда поставена од други, наместо од сопственото членство или од јавноста, а Венко Филипче е лидер без кредибилитет, под целосен диктат на Зоран Заев, кој не може да ја консолидира партијата, одговори ВМРО-ДПМНЕ на ставовите што вечерва ги изнесе претседателот на СДСМ.
„СДСМ е партија во ерозија, маргинализирана опозиција, а Филипче ја сведе партијата на петто место во Скопје и трета партија во државата со под 100 000 гласа. Филипче ја води СДСМ кон пропаст и целосно исчезнување додека по насока на Заев оди на средби во Ниш со Милјан Шчекиќ и во Грција со Зоран Башановиќ да договара пиар стратегии кои се промашени и пропаднати. Пиарот на СДСМ е под надворешно влијание, се поставува прашањето, за какви интереси работи партијата и какви агенди спроведува“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче е синоним за криминалното владеење на Заев, се додава во соопштението.
„Додека СДСМ беа на власт, 3 пати ја зголемуваа акцизата и сакаа да воведат и еколошка такса, со која дополнително ќе се зголемеа цените на горивата. Сега цените на горивата во Македонија, со интервенција на Владата и со заложбите на претседателот Христијан Мицкоски, се останати исти како и минатата недела, додека во сите држави во регионот и пошироко се зголемени неколкукратно. СДСМ додека беа власт го зголемија ДДВ за голем број прехранбени производи, со што ја откочија спиралата за зголемување на сите цени на производите. Инфлацијата во време на СДСМ и ДУИ беше двоцифрена“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на ставовоте на Филипче.
Паради погрешните економски политики кои ги спроведуваше власта на СДСМ и ДУИ и кои ги оставија граѓаните да живеат со 150 денари на ден, а државната каса ја испразнија, сега Владата враќа наталожени долгови во висина од 2.5 милијарди евра, се вели во соопштението.
„Исто така, СДСМ го колабираше енергетскиот сектор, граѓаните плаќаа енормно високи сметки за струја додека кланот Заеви и Филипче профитираа од нивните фамилијарни бизниси. Денес АД ЕСМ ги задоволува потребите на граѓаните и конзумот и продаваат струја навечер, со што имаме дополнителни приходи од страна на потрошувачите“, додава ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ е тотално без концепт, а изјавите на Филипче се како на теоретичар на заговори, порачува ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче се скара со сите дома, а сега се обидува да ја скара Македонија и со стратешките партнери. На Филипче и на СДСМ им пречи соработката и пријателствата што ги гради Македонија со стратешките партнери. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да гради пријателства и соработки со други земји, со цел подобро да ја позиционира Македонија на меѓународен план. Владата работи транспарентно и отчетно, се креираат мерки и решенија кои ќе го олеснат животот на граѓаните и ќе го подобрат животниот стандард“, соопшти владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче вечерва рече дека Христијан Мицковски е само чувар на столчето на Никола Груевски и дека сè е диригирано од Будимпешта, а тоа е една од причините за целосното блокирање на евроинтегративниот пат на земјата.
– Зошто не се направи чекор напред? Зошто, кога цела Европа укажува дека тука има руско-српско-унгарско влијание, ние знаеме дека целосната инфраструктурна и финансиска помош во годините на опозиција кон ВМРО-ДПМНЕ доаѓаше од Унгарија и од Србија. Што направи Христијан Мицкоски и нашата влада? Нè ставија во скут на Виктор Орбан, на таа земја, на тие луѓе, директни соработници на рускиот претседател и агресор Владимир Путин. Сè повеќе излегува на виделина дека премиерот Мицкоски е прокси руски играч во регионот и во Македонија, а на тоа укажа и еврокомесарката за проширување кога кажа дека Европа нема да прима тројански коњи – рече Филипче во гостување на Телма.
Филипче додаде дека не станува збор за некоја традиционална близина меѓу Македонија и Унгарија, туку за бизнис-интереси, а за сметка на тоа државата ги губи парите од европските грантови.
Тој рече и дека нема да дозволи поделби на СДСМ и создавање структури кои ќе работат во интерес на власта.
– Сакам јасно да кажам, нема да дозволам втор ЗНАМ. Актуелните иницијативи кои излегуваат во јавноста засега немаат сериозна основа и не нудат конкретни аргументи. Тие иницијативи засега се кафеански муабети – рече Филипче.
Тој додаде и дека пред Централниот одбор на партијата ќе презентира нова програма на СДСМ.
Рече и дека една мерка не е доволна за да има ограничување на растот на цените на горивата и на храната и дека Македонија е единствената земја во регионот во која со владина мерка наместо намалување има зголемување на цената на горивата.