ЗА ЧАС И ПОЛОВИНА ОД СКОПЈЕ ДО БИТОЛА Со нетрпение се очекува изградбата на втората делница од патот
Сакаме да ја вратиме довербата кај младите да останат тука и работиме на тоа, вели градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Патот Скопје-Битола се очекува со нетрпение, очекуваме што побрзо да се пушти и втората делница, за да може побрзо да се патува на оваа релација, вели градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
– Едната делница кај Дреново е пуштена во употреба и со тоа патувањето многу се скратува. Со нетрпение и желба сме, она што го најави Владата, да ја видиме побрзо и втората делница. Верувам дека за час и половина ќе може да се стигне од Битола до Скопје. И како што кажува секогаш ВМРО-ДПМНЕ, на нас останува да ги решаваме затекнатите проблеми, недоречености, неисполнети ветувања или она кое со години не можеле да го реализираат – рече Коњановски во своето гостување во поткастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува со вашиот градоначалник“.
Коњановски рече дека наследил затворена општина кон граѓаните и кон вработените, општина со блокирана сметка и со многу процеси.
– Би зборувал за функционалноста. Затекнавме општина која била затворена спрема граѓаните, но и спрема вработените. Прво што направивме беше да го искористиме она кое е најдобро и да ги поставиме нештата така да можеме да работиме и мислам дека успеаваме. Се соочивме со општина во која беа блокирани многу процеси во делот на урбанистичка документација, урбанистички планови, тоа беше сè во застој. Првото што се зафативме е легализацијата. Многу јавни набавки беа стопирани, се соочивме да се кочи секторот кој треба да продуцира и да работи – рече тој.
Коњановски потсети дека откако тој ја преземал општината се забележува силно темпо на градежна офанзива.
– Сакаме да ја вратиме довербата кај младите да останат тука. Јас гледам една атмосфера која од ден на ден трае од првиот мандат. Нашиот прв проект кој и така го нарековме е проект на 23 улици. Веднаш се зафативме со изработка на генерален урбанистички план и тоа е во напредна фаза и очекувам дека за година тој урбанистички план ќе ја даде визијата за Битола во наредните години. Се зафативме и со она што сакавме и што го ветивме најмногу на младите, многу зелени површини. Почнавме со изградба и тој денес е завршен, нов парк во Нова Битола од 20.000 квадратни метри, кој ги има сите елементи на едно парково уредување. Во меѓувреме успеавме да ги реконструираме училишните спортски терени во училиштето „Елпида Караманди“, тоа е еден преубав дел на градот. Се зафативме се решавање на уште еден горлив проблем, тоа е прифатилиште за бездомни животни. Големи се средствата кои ги исплаќаме како општини во делот на оштетени граѓани. Се зафативме со тоа прифатилиште и го изградивме. Има капацитет од над 60 легла во кои може привремено да се сместат животните и е направено по сите стандарди – истакна Коњановски.
Тој додаде дека двата повика на Владата за поддржка на локалните самоуправи значат многу за општините и се можност за разввој.