ЗА ЦЕНИТЕ И ЛЕБОТ СО ТРИ ДУПЧИЊА Инфлацијата и „замрзнувањето“ на цените
Што научивме од искуствата со галопирачката инфлација во поранешна Југославија и од трите инфлациските скокови во Македонија од 1996 до 2022 година? Зошто водечките авторитети во економската наука се крајно внимателни кога зборуваат за контролата на цените?
Прво пандемијата ковид-19, а дополнително руската инвазија врз Украина, проголтаа многу животи и предизвикаа голема економска криза. Заедно со битката против поморот на луѓето, владите во 2020 година мака мачеа да го намалат неизбежниот пад на БДП; да спасат што поголем број работни места; да испорачаат социјална помош до најранливите категории население. Како, ако не со огромно зголемување на јавните долгови.
Кон крајот на годината и особено во 2021. почна да се зголемува и инфлацијата. Во февруари 2022. во многу пазарни економии надмина висини недопрени во последните неколку децении. Централните банки на развиените држави одлучија да не ја затегнуваат монетарната политика. Проценуваа дека инфлацијата е од транзиторна природа; дека е предизвикана од шокови на страната на понудата; и дека „ортодоксната рецептура“ како лек против неа (зголемување на каматите и намалување на кредитирањето) само дополнително ќе ја придуши економската активност.
Само неколку држави – Унгарија, Србија, Аргентина, Македонија – уште на почетокот на 2020. одлучија да ги „замрзнат“ цените на еден дел прехранбени производи. Аргентина, дури на 1.432 производа. Освен Македонија, трите други држави (Унгарија, Србија и Аргентина) одлуките за замрзнување ги донесоа во пресрет на претстојните парламентарни и други избори. Кина, во тој период, соопшти дека ја зајакнува контролата врз цените, без употреба на зборот „замрзнување“. До агресијата на Русија врз Украина, не сретнав информација дека некоја друга држава го сторила истото. Цените што вообичаено имаат статус на регулирани, не се во овој фокус.
Владата на Македонија беше брза. Започна со Одлуката од 20 март 2020. плафонирајќи ги трговските маржи на јужното овошје. Веќе во април 2020. премина на замрзнување на апсолутните износи на цените на група „основни прехранбени производи“. Продолжи со тоа во целата 2021 година, за на 22 февруари оваа година повторно да се врати само на плафонирањето на трговските маржи, но на проширена листа „основни производи за живот“.
Последниов пат воведе и иновација: за некои производи воопшто да не се пресметува каква било маржа. Кога министерот Бектеши зборуваше за одлуката на Владата од март 2020., со нескриена гордост нагласи: „Владата на Македонија е првата во регионот што усвои таква одлука и ако биде потребно, ќе бидат замрзнати цените и на други производи“. Не знам зошто не додаде дека е и во првите три-четири држави во светот. Основното образложение, стандардно: „Да се спречи натамошното нарушување на пазарот“. Правниот основ, Законот за трговија. Уставот, кој вели дека „приватната сопственост е неприкосновена“, очигледно, може лесно да се суспендира.
За искуството од „замрзнувањето“ на цените
-
Од леб за народот, до леб за свињите и за пердувестата живина
Луѓето што добар дел од животот го минаа во СФРЈ знаат дека тогашната држава обилуваше со неброени „замрзнувања“ и „одмрзнувања“ на цените; со девалвации на динарот; неретко, со избезумени штедачи. Паметат, или барем би требало да паметат, дека тоа не даваше резултати. По секоја одлука за „замрзнување“ на цените, привидно скротената инфлација се јавуваше во други облици: долги редици луѓе што чекаат пред продавниците да купат од намирниците со „замрзнати“ цени или празни рафтови, зашто, преку ноќ, се намалуваше нивната понуда. Истовремено се влошуваше и нивниот квалитет. Заедно со тоа, се множеа и „ѓаволштините“ како да се „заобиколи“ одлуката на државните органи. Нормално, со нови облици на корупција на релацијата производители – трговци – пазарни инспектори. По секое одмрзнување, следуваше поголем пораст на цените и од оној што би се случил доколку не би било замрзнувањето.
Упорноста на тaков начин да се совладува инфлацијата доведуваше и до апсурдни ситуации. На пример, последната социјалистичка влада на Македонија, мислам во 1987 година, усвои одлука за замрзнување на цените на лебот, без замрзнување и на цените на состојките од кои се прави лебот. Еден од видовите, со најниско фиксираната цена, „кумовите“ од Владата го нарекоа „народен леб“. За препознавање, „приклештениот“ производител („Жито Лукс“) прифати на корката на „народниот леб“ да втиснува три дупчиња. И, така, лебот со три дупчиња се појави на пазарот.
Веднаш од „теренот“ пристигнаа информации дека на селаните повеќе им се исплати свињите и живината да ги хранат со овој вид леб, отколку со пченица и со пченка. Па „злобниците“ почнаа да зборуваат дека наместо леб за народот добивме леб за свињи и за пердувеста живина. Не знаев колку во ова имаше драматизирање, а колку вистина. Но, во секој случај, беше тоа уште еден вриштечки пример за тоа како, на недоволно обмислен начин, не треба административно да се интервенира во репродукциските синџири на економијата; дека таквите мерки само за миг купуваат „социјален мир“, а потоа испорачуваат огромна цена што мора да се плати.
Фирмата „Жито Лукс“ (Скопје го снабдуваше со над 70% од потребите) таквите административни одлуки ги „премостуваше“ со нови и нови кредити. Кога ѝ нараснаа над органите за дишење, имаше две опции: стечај или да ја купи некој „стратешки инвеститор“. Среќа, се случи второто. Но, во духот на „измеќарскиот менталитет,“ купувачот стигна од странство. Нему, до денешни дни, не му беа замрзнувани цените. Да беше поинаку, бргу ќе заминеше од земјата. Всушност, немаше ниту да дојде.
-
Бришење нули и дванаесет девалвации на динарот во времето на СФРЈ
Кога истрајната инфлација ќе ја „здробеше“ куповната моќ на банкнотите и ќе се случеше поголема апрецијација на девизниот курс на динарот (намалувајќи ја и така слабата конкурентност на извозните производи), се пристапуваше кон „бришење нули од банкнотите“ и „девалвации на курсот на динарот“. Логичен редослед.
Првото бришење нули од банкнотите, во бившата СФРЈ, е извршено во средината на 1960-те. Сто динари станаа 1 динар. Второто беше во јануари 1990. Десет илјади станаа 1 динар.
Од 1 јануари 1952. до 20 април 1991. (39 години) се извршени дванаесет девалвации на динарот. Понекогаш, по две во една година. Просечно, на секои 3,2 години. Не е тешко, и оние што не го доживеале тоа, да ги претпостават шоковите што ги доживуваа тогашните штедачи: како да го избегнат испарувањето на своите штедни влогови. Актуелнава трка да се купи стан што не ви е потребен е мал потсетник на тогашната атмосфера.
И во независна Македонија, во првите години, продолживме со висока инфлација, со бришење нули и со девалвација на валутата.
Еве, една подолга серија податоци за движењето на инфлацијата во „самостојна“ Македонија.
Изложениот графикон нè потсетува на два периода. Во првиот, заклучно со 1995., продолжува хиперинфлацијата од времето на СФРЈ: 1993 (229,6 %), 1994 (55.4 %) Во 1995., конечно, едноцифрена, 9.2 %. Но, сѐ уште висока. Тоа беше период на грозните војни во некои делови од бившата СФРЈ и општа конфузија при напуштањето на стариот систем. Македонија го изведе и своето монетарно осамостојување (1992 година). Изврши замена на ју-динарите со вредносни бонови во однос 1:1, а една година потоа (1993.) се појави денешниот денар, заменувајќи ги вредносните бонови во однос 1:100. Истовремено, НБРМ го објави девизниот курс на денарот во однос на германската марка во сооднос 27:1.
Вториот период, видливо од графиконот (1996 –- 2022 година), означува етапа во која, генерално, инфлацијата, е ставена под контрола. Но, поради претходно акумулираниот раст на цените, во 1997. беше извршена првата девалвација на денарот. НБРМ утврди една германска марка да се разменува за 31 денар. Така беше до воведувањето на еврото. Бидејќи европските монетарни власти утврдија едно евро да повлекува од оптек две германски марки, НБРМ де факто го фиксираше соодносот меѓу еврото и денарот на 1:61.5. Тој девизен курс на денарот НБРМ го брани до денешни дни.
Во овој период (скоро 26 години) бележиме три случаи на излегување на инфлацијата од коритото на прифатливата: во 2000 година (6.1 %), во 2007 – 2008 година (6.1% и 4.1 %), во 2021 година (4.9 %), заедно со февруарското ниво во 2022 година (7.6 %).
-
Што ја генерираше инфлацијата до 1996 и зошто мерките за нејзино совладување не беа успешни?
Инфлацијата во СФРЈ ја генерираше целиот систем. Системот, пак, не се напушташе од идеолошки причини и заради одбрана на укотвените позиции на владејачките номенклатури. Прпелкањата на поединци на таа тема не можеа ништо да изменат. Со децении се зборуваше, но не се прифаќаше целосен модел на функционална пазарна економија – со доминантност на приватната сопственост. Имаше, каков-таков, пазар на стоки и услуги, често дополнително дисторзиран со несоодветни административни интервенции. Немаше пазар на капитал и на работна сила. Ингениозната Шумпетерова синтагма „креативна деструкција“ беше ерес. Беше антипод на идеолошките флоскули дека „предноста на социјалистичкото стоково производство“ над капиталистичкото е што во него нема банкротства, отпуштања од работа, економски кризи.
Всушност, немаше кој не знае дека индивидуалните грешки и загуби автоматски стануваа општествени. Ги покриваше „заедничката каса“. Како што се зголемуваше јазот меѓу создадениот и потребниот доход за одржување и подобрување на животниот стандард, така се зголемуваа и дефицитите во федералниот и во републичките буџети. Поимот hard budget constraint (тврдо буџетско ограничување) за политичката елита беше, на некој начин, субверзивен. Би ја демаскирал заблудата дека „напредуваме“. Им беше полесно растечките дефицити сè повеќе да ги покриваат печатницата на пари во Топчидер (Белград) и меѓународните даватели на заеми. Постоеше инструмент „директно кредитирање од примарната емисија“. Се нарекуваа „селективни кредити“ (за некои дејности), со нулти, или безначајни камати во однос на инфлацијата. Многу често и таквите „кредити“ беа отпишувани. НБРЈ и техничките експозитури во републиките постојано ја пробиваа планираната парична маса за огромни износи. Банките, по една или две во републиките, одобруваа кредити (под влијание на државни и партиски функционери) и на фирми за кои однапред се знаеше дека нема да ги вратат.
Така, двете клучни политики, монетарната и фискалната, произведуваа школски пример на demand side shocks (шокови од страната на понудата) Резултатот, јасен: од двоцифрена до галопирачка инфлација и многубројни девалвации на домашната валута. Шоковите од растот на цените на нафтата во 1970-те и 1980-те години на минатиот век не ги забораваме, но беа ефемерни причини за децениски девастирачката инфлација.
-
Што ги генерираше неколкуте скокови на инфлацијата во периодот 1996 – 2022 година?
Како што посочивме, во последните 26 години инфлацијата, главно, се држи под контрола. „Виновници“ за тоа се: преминот кон „каква-таква“ пазарна економија (што воопшто не би било доволно само по себе) и дисциплинирањето на монетарната и на фискална политика, без што резултатот сигурно би изостанал. Бидејќи, во овој период, бележиме три нејзини излегувања од коридорот на целната инфлација, важно е да знаеме што ги предизвикало. Не е потребно посебно истражување. Ем сме живи сведоци, ем сè е забележано во извештаите на НБРМ за соодветните години.
Во 2000 година главни двигатели на инфлацијата (6.1%) беа: растот на цената на суровата нафта, апрецијацијата на американскиот долар, воведувањето на ДДВ, немудро одбраниот момент за зголемување на домашната цена на електричната енергија (двапати по 10% во една година) како и на цените на некои услуги во надлежност на државните органи.
Во 2007–2008 година, инфлацијата (6.1% и 4.1%) беше дело на светската финансиска криза, која повлече скок на цените на енергијата и на храната на светските пазари, а ние оттаму ги внесовме дома.
И последниов скок на инфлацијата, 2021 (4.9%) заедно со февруарскиот од 2022 година (7.6 %) е предизвикан од светската пандемија ковид-19, дополнет со хаосот од руската агресија врз Украина. Уште еднаш ни доаѓа дома, главно, преку истиот канал: страотниот скок на цените на енергијата, а по нив и на храната на светските пазари.
Значи, во сите три случаи голем двигател на домашната инфлацијата се цените на енергијата на светските пазари, а во двата последни плус цените на храната. Домашните фактори, незанемарливо се покренувачи на инфлацијата само во првиот случај (2000.)
Значи, ако до 1990. и првите неколку години потоа, инфлацијата беше генерирана пред сè од вишокоѕ агрегатна побарувачка (заедно со вкупните аномалии на системот), во трите случаи во последните 26 години таа е генерирана од страна на понудата, преку увозните цени на енергијата и храната.
Во првиот случај, за нејзино смирување, многу често се прибегнуваше кон замрзнување на цените, понекогаш заедно со платите (без резултат) во вториот период, а кон замрзнување се прибегна само сега, во третиот случај. Но, анализите јасно покажуваат дека скротувањето на инфлацијата во сите три последни случаи настанало по смирувањето на цените на енергијата и храната на светските пазари.
Aко до 1990. и првите неколку години потоа, инфлацијата беше генерирана пред сè од вишокоѕ агрегатна побарувачка (заедно со вкупните аномалии на системот), во трите случаи во последните 26 години таа е генерирана од страна на понудата, преку увозните цени на енергијата и храната.
Што сугерираа дел од водечките авторитети на економската наука?
-
Сепак, дали никогаш не смее да се посегне по мерката „замрзнување на цените?“
По пауза од повеќе децении, повторно оживеа дебатата за контролирањето на цените. Голема бура предизвика колумната на Изабела Вебер (Izabella Weber, Универзитетот во Амхерст, Масачусетс) објавена во „Гардијан“, во која предлага „стратегиска контрола“ на цените, без да објасни што мисли под тоа. Тековната инфлација ја споредува со онаа од Втората светска војна, со потсетување дека тогаш цените биле строго контролирани и дека група водечки американски економисти од тоа време (Paul Samuelson, Irving Fisher, Simon Kuznets…) јавно барале тоа да продолжи извесен период и потоа. Таа смета дека „клучниот фактор што ги движи цените нагоре е превиден: експлозијата на профитите“. И додава: „И сега, како и тогаш, големите корпорации со пазарна моќ ги користат проблемите во снабдувањето за да ги зголемат цените и да зграпчат неочекувани профити“. Затоа, додава, „владата треба да ги таргетира специфичните цени што ја движат инфлацијата“ и тврди дека постои потреба од „педантно разгледување на прашањето за стратегиска контрола на цените, како алатка за еден поширок одговор на макроекономските предизвици“. Таа не се согласува дека постојат само две алтернативи: едната, „да чекаме и да видиме“, другата, да се применат „рестриктивни мерки, со ризик од рецесија.
Дани Родриг, генерално, не е против контролата на некои цени. Но, нагласува дека тоа „зависи од многу фактори“. Рецептот на ортодоксната економија вели: често произведува несакани ефекти – стечаи и пораст на невработеноста и не дава брзи резултати. Во некои ситуации, смета тој, „добри резултати дава режимот на контрола на цените“, на пример „за време на војна“ и „во случаи кога високата инфлација, пред сè, е резултат на инфлаторни очекувања, а не од состојбата на темелните економски параметри“. Овој пристап Родриг го темели на тврдењето дека „вистинската економска наука е секогаш контекстуална, а не универзална“. Но, за тековната инфлација тој мисли дека „ниту е хронична ниту е генерирана од спиралата на раст на цените и платите и од индексацијата на заработките“
Според тоа, и тој смета дека се работи за транзиторна инфлација, на која „треба да се реагира одмерено“, додавајќи дека „најдобриот аргумент против контролата на цените не е тврдењето дека таквите мерки се неусогласени со науката, туку фактот дека засега нема потреба за такви радикални мерки“. Затоа препорачува „централните банки да покажат стрпливост пред да почнат со зголемување на каматите“.
Нобеловецот Пол Кругман смета дека ФЕД треба да ги „олади работите“, но се прашува дали тоа може да го изведе „без да нè испрати во рецесија“. Вели, дезинфлацијата нема да биде тешка како онаа во 1970-тите, зашто очекувањата за нејзино продолжување беа длабоко вкотвени во економијата, што сега сè уште не е случај. Сепак, додава тој, „нејзиното соборување ќе биде деликатно“ зашто „ја искривоколчи структурата на побарувачката“. Нервозните потрошувачи станаа одбивни кон купувањето услуги, зашто нивното добивање често се врши преку face-to-face контакти, па навалија кон расипничко трошење производи. Истовремено, синџирите за снабдување имаа(т) проблеми да држат чекор со овој наплив на побарувачка на предмети, што доведе до многу побрз раст на цените на производите отколку на услугите. Балансирањето помеѓу нив, вели Кругман, ќе се изврши повеќе преку придвижување на цените на услугите нагоре, отколку преку намалување на цените на стоките, зашто, додава тој, „историјата нѐ учи дека е полесно цените да се зголемат отколку да се скратат“. Кругман предупредува: „Доколку се обидеме да ги неутрализираме растечките цени на секторите со ограничена понуда со намалување на цените на друго место, ќе имаме многу побавен раст на вработеноста – и веројатно, приватниот сектор нема да има доволно стимул да ги редуцира тесните грла со кои се соочува“.
Па, резимира тој, „ограничен период на зголемена инфлација, следен со враќање кон нормалното, е соодветниот економски одговор на необичните стресови од пандемиската рецесија, доколку повисоката инфлација не се вкопа во очекувањата на потрошувачите“.
Јозеф Штиглиц (Joseph Stiglitz), во колумната „Нема маневарски простор пред на нас“, пишува дека порастот на цените на производите што недостасуваат ќе биде диспропорционално поголем од падот на цените на производите со вишок понуда. Инфлацијата е веројатна и кој и да е на власт ќе биде критикуван. Додава: „Проблемот е што, додека ние знаеме како да контролираме инфлација која произлегува од вишок побарувачка, тоа што го искусуваме сега е различно“. Тој смета дека „не е добро во сегашниот контекст да се затегнува монетарната политика, зашто тоа повеќе ќе ја зголеми невработеноста отколку што ќе ја намали инфлацијата“.
Европската централна банка исто така е критична спрема преземањето мерки за контрола на цените. Нејзин портпарол за Еурактив (17 јануари 2022 година) изјави дека контролата на цените се коси со отворениот пазар и дека „таа не го решава проблемот, само го преместува товарот на друга страна“.
(В понеделник, во вториот дел од анализата на Петар Гошев: Инфлацијата не се скротува со популистички додворувања)