ЗА АЗИЛАНТИТЕ СЕ ОДБИВА ЕКСТРАДИЦИЈАТА, СОЗЕМЕТЕ СЕ, НЕ ПРАВЕТЕ ЦИРКУС Министерот Филков му одговори на пратеникот Талевски за Груевски
Да се совземете, да бидете сериозни, затоа што не е добро тоа за вас ниту како опозиција, ниту за државата да се занимавате со циркус наместо со реална работа, одгооври министерот Игор Филков на прашањето за екстрадиција на Груевски поставено од пратеникот на СДСМ, Миле Талески.
Дали Министерството за правда има поднесено ново, обновено барање за екстрадиција на поранешниот премиер и бегалец од правдата Никола Груевски, праша денеска пратеникот на СДСМ, Миле Талески на седница за пратенички прашања, на што министерот за правда Игор Филков му одговори дека Груевски во Унгарија има политички азил.
– Додека некое лице ужива азил, екстрадицијата ја одбиваат. Состојбата внимателно се следи и кога ќе се создадат услови ќе се поднесе ново барање, што впрочем е исто како за секој предмет за екстрадиција. Министерството за правда нема ништо заедничко со тоа министерство што го имавте вие во вашето време кога заедно со Артан Груби и Али Ахмети договаравте кој каде ќе избега. Ова Министерство си ги бара сите бегалци, но вие говорите за политички азиланти, ако доволно ве следев. Што значи, дека секојпат кога ќе бидат создадени услови, Министерството за правда повторно ќе си ги бара своите граѓани. Во меѓувреме треба да дадете одговор каде се оние другите со кои што вие договаравте бегство – одговори министерот Филков.
Тој му порача на СДСМ да има сериозен пристап и да се занимава со реална работа.
– Мора да престанете да ја замајувате македонската јавност со ваков шарлатански пристап. Што уште треба да направите за народот да ви ја прати пораката и на следните избори? Значи, да се совземете, да бидете сериозни, затоа што не е добро тоа за вас ниту како опозиција, ниту за државата да се занимавате со циркус наместо со реална работа. Тоа граѓаните ви го кажаа и на последните избори, а убеден сум дека и следниот пат кога и да бидат парламентарните избори ќе ве пратат во историјата – рече Филков.
Пратеникот Талевски обвини дека одредени структури во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ активно подготвуваат терен за враќање на Никола Груевски во Македонија и негова амнестија и нагласи дека до него стигнале информации од луѓе блиски до актуелната власт дека „постои план, сценарио за создавање клима во која бегалецот од правдата би се вратил во земјата“.