ЗАЈАС НЕ ГЛАСАШЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ Во родното село на Ахмети кутијата за претседателските избори остана празна
Дел од раководството на ДУИ меѓу кои и вицепремиерот Артан Груби, јавно соопштија дека нема да гласаат за претседател на државата, а според податоците од терен, нивниот пример го следеле и поголемиот дел од гласачите во Зајас.
Во Зајас, родното село на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кутијата за гласовите од вториот круг од претседателските избори остана речиси празна. Шефот на изборниот штаб на ДУИ, Арбер Адеми на прес-конференцијата по затворањето на гласачките места, истакна дека партијата ги оставила своите поддржувачи сами да одлучат дали ќе гласаат на претседателските избори. Дел од раководството на партијата меѓу кои и вицепремиерот Артан Груби, јавно соопштија дека нема да гласаат за претседател на државата.
Според податоците од терен, нивниот пример го следеле и поголемиот дел од гласачите во Зајас каде само мал број граѓани се одлучиле да гласаат за идниот шеф на државата, додека спротивното се случи за изборот на пратеници во Собранието. Гласачките кутии на парламентарните избори се речиси полни.
Според ДИК, до 18.30 часот во Општина Кичево за претседател гласале 29,34%, од нив 63,42% го дале својот глас за кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, а 30,07% гласале за Стево Пендаровски од СДСМ. За парламентарните избори во Кичево гласале 52,89%. Најголем процент од гласовите 50,42% освои Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 20,85% гласале за Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ, а 11,27% за Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ.