За антимакедонцките работи
Ако сега нашите деца и внуци нè прашаат зошто Македонците последни на Балканот создале своја држава и зошто вечно ќе си останеме „млада нација“, веќе не мора да слегнуваме со рамениците. Можеме слободно да им кажеме – еве, деца, гледате какви сме денес, такви сме биле секогаш, ви личиме ли на некои кои заслужуваат држава?!
Македонија е длабоко поделено општество. Тоа е болната вистина за нас. Цинизмот со кој некои се обидуваат да ја прикријат таа вистина и да ја прикажат како манипулација на поранешни, сега отфрлени и заборавени актери на македонската политичка сцена, всушност, е крик на болката и на злобата.
Некои велат дека ова што сега се случува со Македонија е една голема конфронтација на „доброто“ со „злото“. И дека, нормално, „злото“ мора да биде сотрено, за „доброто“ да преживее. И тоа ќе ја вовело оваа земја во светот на „нормалноста“.
Јас, пак, велам дека таа теорија е голема, грандиозна глупост!
Таа е една дрвенфилозофска експликација на намерата на луѓе од власта политичките конфронтации да ги надмине со „јадење живи луѓе“. Тие луѓе сметаат дека власта им е од бога дадена и дека затоа, всушност, тие по дефиниција се „доброто“.
Наспроти овие будалштини, јас мислам дека поделбите треба многу сериозно да нè загрижат сите. Бидејќи некој навистина може да рече, вакви чурук луѓе на светов нема …
За ништо не се согласуваме
Ние Македонците денес немаме единствено мислење ни за нашата понова историја, а камоли за подалечните периоди, кога ’ртат никулците на македонската самосвест и идеите за автономна, самостојна и независна македонска држава. Напротив, денес имаме засилена цензура и отфрлање или ретуширање на историските факти за македонската етногенеза. Некои недоветни луѓе од петни жили се трудат да покажат дека историјата на Македонија почнува од 2017 година и дека сè што се случувало пред тоа е прашање на „перцепција“ и на „наративи“ за кои може да се преговара.
Што е уште пострашно, ние Македонците денес немаме ниту пет точки за кои ќе се согласиме во поглед на нашата сегашност.
Немаме никаква дистанца од сопствените предрасуди и заблуди за себе. Не можеме или не сакаме да го видиме дури и она што за сите секојдневно зборуваме меѓу себе. Слепи сме и глуви и за сите грди нешта што секојдневно ги поттикнуваат нашите сомнежи и разочарувања, ја поткопуваат нашата скудна самодоверба и го засилуваат чувството за бесперспективност.
На пример, не сакаме да признаеме дека Македонија е корумпирана држава. Не нè боли кога целиот свет тоа го гледа и го регистрира. Боли кога тоа ќе го каже Бранко Црвенковски.
Одбиваме да размислуваме за проблемот дека оваа држава е презадолжена и финансиски речиси несамоодржлива. Бројките кои го потврдуваат тоа ништо не ни значат.
Не сакаме да признаеме дека сме хибриден режим, некомплетирана демократија со автократски тенденции. А и тоа светот го гледа и го бележи. Во кампањата на СДСМ за локалните избори го слушам рефренот „никогаш повеќе режим“. Петта година Зоран Заев, од позиција на апсолутна власт, се бори против „режимот“ во опозиција. Да не е тажно, би било смешно …
Молчиме и за оспорувањата на македонскиот национален идентитет. Секој што се бунтува против грубите уцени и против валканите антимакедонски планови се прогласува за националист и за ентиевропеец.
Сепак, најстрашно од се е тоа што ние Македонците не можеме да се согласиме речиси за ништо во поглед на иднината на оваа наша земја. И по тоа сме апсолутно единствени и во регионот и во Европа.
Провинцијализам и примитивизам
Дали е сето тоа нормално? Тоа, да не се согласуваме за ништо?
Веројатно да, нормално е.
Но, едно е да не се согласуваме, а друго е да се конфронтираме.
Едно е да не се сакаме, а друго е да се мразиме.
Едно е да мислиме различно, а друго е на тој што не мисли како нас да не му дозволуваме да зборува. И да го хејтаме.
Тоа не е општественост. Тоа е провинцијализам. Тоа е примитивизам, кој никогаш не бил толку силно изразен како денес.
Не можам да не се согласам со поранешниот претседател Ѓорге Иванов, кој на научната расправа во МАНУ рече: „Македонија како да е заробена во својот провинцијализам, во нарцисоидната егоцентричност на својата елита. Како да сме опседнати од бесмислените политички кавги без суштина и примитивизам каков што до сега не е виден кај нас. Примитивизам кој постојано поттикнува меѓусебни расправии, конфликти, нетрпеливост и трошење на енергија на хоризонтално ниво“.
Ако сме реални, ќе признаеме дека никогаш и не сме биле многу поинакви. Малку подобри можеби сме биле. Но, секогаш во историјата Македонците страдале од сопствената пизма, од братоубиства, од магарешки атентати, од предавства, од преуранети и задоцнети востанија.
Тоа е дијагноза. Ние сме народ со дијагноза. Со синдром. Тој синдром има име. Се вика – македонски синдром на самоуништувањето.
Како да се објасни тоа што патриотизмот и македонизмот власта и нејзината пропаганда денес ги третираат безмалку како вербален деликт?
Зошто македонските национални институции веќе и отворено се нарекуваат националистички дувла?
Уште малку, сите ќе нè наречат како што нè нарече Ванчо Михајлов (во неговото последното интервју, ако не се лажам). Македонистички говеда. Да, така нè нарече тој. Сега така нè нарекува и пропагандата на хибридниов режим. Стоки македонистички. Така нè нарекуваат во бескрајните тиради за толку посакуваната смрт на македонството во Македонија.
Никаде во светот антимакедонизмот не е толку силен како во Македонија! Тоа нормално ли е?
Почитта ја чуваме за окупаторите
Да да, тврдам дека треба да се загрижиме сите.
Зашто, ако сега нашите деца и внуци нè прашаат зошто Македонците последни на Балканот создале своја држава и зошто вечно ќе си останеме „млада нација“, веќе не мора да слегнуваме со рамениците. Можеме слободно да им кажеме – еве, деца, гледате какви сме денес, такви сме биле секогаш, ви личиме ли на некои кои заслужуваат држава?!
Македонците денес имаат своја држава и таа ќе опстане, нè теши претседателот Стево Пендаровски.
Добро, но Македонците сè уште немаат самопочит и самодоверба. Македонија нема искрена почит кон ниту еден достоен Македонец. Почитта ја чуваме за окупаторите, за губернаторите, за стечајните управници на оваа речиси пропадната фирма.
Не ни е баш сеедно каква Македонија ќе опстане и како ќе живееме во неа и со неа. Неколку стотици илјади Македонци, главно млади луѓе, во последнава деценија, ја напуштија и заминаа во белиот свет. За нив Македонија сега е само болно сеќавање …
Уште една (патетична) дилема – каква ќе биде таа Македонија без Македонци?
Ќе ја чекаме новата генерација Македонци?
Чаре! Има ли чаре?
Пендаровски е во право кога вели: „Јасно е дека во оваа фаза од нашиот политички развој, граѓанското помирување е невозможно, но, сите ние, актуелните политички актери сме должни со скромен личен пример да придонесеме за деескалација на тензиите кои на моменти ја парализираат целата држава“.
Добро, така е. Прашање е дали може оваа номенклатура, оваа група луѓе на власт, овие луѓе кои во годините на осамостојувањето на Македонија имале доволно години и памет само за играње џамлии во училишниот двор после третиот час во петок, овие некадарници кои денес го присвојуваат правото екслузивно да го толкуваат минатото, да управуваат со сегашноста и да ја проектираат иднината, да придонесат за деескалирање на тензиите?
Кој да покаже личен пример? Овие?! Ве молам …
Жал ми е, но нема да ја дочекаме новата генерација Македонци, кои допрва треба да ја градат Македонија, како што вели Иванов, „како држава заснована врз самодоверба, самопочит, себеспознавање и љубов кон татковината“ и нема да се „домакедончиме“, ако оваа сегашна генерација Македонци сега не собере сили да ги скицира насоките за нашето „домакедончување“. И ако не успее да постигне консензус за неколку прашања од кои зависи опстанокот на нашата нација и на нашата држава.
Големата слика
Црвенковски сепак е во право кога вели дека на Македонија ѝ е неопходна една национална платформа за која ќе се оствари широк политички консензус. Евакуацијата на Македонија од овој бродолом може да се изведе само со сплав, на кој ќе се качат луѓето од оваа фрегата што тоне, како оние петнаесеттина очајници на „Сплавот Медуза“ од сликата на Жерико.
Како што пишував во еден есеј за ова славно и истовремено и интригантно платно на Жерико, Џулијан Барнс, кој ни ги приопштува детаљите и ги коментира, сепак во втор план ги става историските факти за тоа дека на сплавот на бродоломците се случувале и многу грди и нечовечни работи, поради паниката и грешките во евакуацијата. Барнс инсистира на идејата дека во платното на Жерико мораме да ја препознаеме „големата слика“, неоптоварена од собитијата за еден бродолом што форензички ќе го расветлуваат историчарите. На сплавот „Медуза“ група очајници се борат за опстанок и некаде во далечината го здогледуваат светлото на надежта, бродот што ќе ги спаси – тоа е таа голема слика за борбата за живот и за надежта. Сè друго е во втор план.
Тој сплав со петнаесеттина очајници е метафора на историскиот момент во кој се наоѓа Македонија. Нам ни треба сплав на кој ќе се бориме за опстанок и за иднина во немирното море во нас и околу нас.
Тоа е големата слика што треба да ја видат сите што ѝ мислат добро на Македонија. Ништо добро нема да ни донесат поделбите и конфронтациите. Никаков позитивен исход. Ова сега е само вовед во една најавена смрт, во едно бавно и неизбежно тонење кон дното, откако последната македонска нарцисоидна елита го фрли сидрото, за да не влече „напред“ (Заев).
Чесна и одговорна задача
Што ако не ја видиме големата слика?
Што ако сите се нафрлиме на тоа како Црвенковски, Пендаровски, Иванов, МАНУ или некој друг ја замислува „евакуацијата“ на Македонија од заканувачките бранови на кризата, од бурите на антимакедонизмот, провинцијализмот, неспособноста, неодговорноста, пизмата? Што ако и тие бидат фрлени во морето полно со стрвни ајкули, откако претходно ќе бидат означени за стари, истрошени и неупотребливи сподоби, дувла и пувала?
Јас на тоа одговарам вака – сеедно, големата слика мора да се наслика! Некој тоа мора да го стори! Една спасоносна платформа мора да се состави, макар и несовршена, за потоа да се крене јарболот. Што повисоко!
Актуелните политички водства тешко ќе го разберат тој предизвик, бидејќи тој ќе ги измести од стандардното сценарио на политичката битка кај нас (избори, победа-пораз, приграбување на пленот, реваншизам, популизам, лаги, избори) и од рутините на кои се научени партиските апаратчици. Идејата за консензус нив ги вознемирува.
Но, да се направи тој сплав сепак е чесна и одговорна задача. За луѓето од генерацијата што ја создаваше независна Македонија, барем за тие што се живи и коишто сè уште се доволно млади за такви предизвици, тоа веројатно е и човечка обврска. Без оглед на фактот што во нив Македонија можеби и не може да ја препознае надежта за својата иднина.
Јарболот мора да се крене, а сидрото веднаш да се подигне. Тоа нè влече кон дното, а не напред. Новите генерации Македонци мора да го видат знамето закачено на јарболот. Не мора нужно и да го следат, но мора да почувствуваат дека се способни самите да поведат. Мора да им помогнеме самите да пронајдат смисла во идејата да се посветат на иднината на Македонија и самите да станат нејзина надеж.