ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ЕНЕРГЕТСКАТА СОРАБОТКА СО АЗЕРБЕЈЏАН Македонија добива поддршка за гасификација и нови извори на енергија
Покрај енергетиката, на средбата беа разгледани и други области од заеднички интерес, како културата, туризмот и образованието. Азербејџанскиот претседател изрази подготвеност за соработка на инфраструктурни проекти, посебно во делот на гасификација на Македонија.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова за време на Самитот за климатски промени КОП29, кој се одржува во Баку, оствари средба со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев. Средбата беше искористена за разговори околу билатералните односи меѓу двете земји, а на неа присуствуваше и министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Во разговорите, лидерите се согласија за зголемување на соработката во енергетиката и економијата, со акцент на диверзификација на изворите на енергија за нашата земја.
„Нашата земја е силно посветена на зајакнување на економските врски со Азербејџан, особено во енергетиката, каде гледаме можност за стабилизирање и диверзификација на енергетските ресурси“, велат од кабинетот на Сиљановска Давкова.
Оттаму го нагласуваат и значењето на новиот Меморандум за разбирање меѓу македонски и азербејџански енергетски компании, кој е потпишан со цел да ја подобри енергетската стабилност на земјата.
Покрај енергетиката, на средбата беа разгледани и други области од заеднички интерес, како културата, туризмот и образованието. Азербејџанскиот претседател изрази подготвеност за соработка на инфраструктурни проекти, посебно во делот на гасификација на Македонија.
Сиљановска Давкова му се заблагодари на Алиев за гостопримството и за организацијата на самитот, потенцирајќи ја важноста на ваквите настани за поттикнување на меѓународната соработка.
Акционерското друштво за производство на електрична енергија ЕСМ и државната компанија СОКАР од Азербејџан потпишаа Меморандум за разбирање со цел зајакнување на енергетската стабилност во земјава, соопшти компанијата.
Соработката, како што е соопштено, се фокусира на подобрување на достапноста и проширување на можностите за набавка на природен гас, со цел да се обезбеди стабилно, континуирано снабдување по конкурентни цени, во согласност со позитивните законски прописи.
– Овој Меморандум е во насока на напорите на државата да обезбеди природен гас, додека СОКАР има за цел да го зголеми своето присуство на регионалниот пазар – велат од ЕСМ.