ЗА 8 ГОДИНИ РЕАЛИЗИРАНИ НАД 800 ПРОЕКТИ Димитриевски контра опозицијата и најави уште промени во Куманово

Претседателот на Движењето ЗНАМ и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, порача дека резултатите од неговото осумгодишно владеење зборуваат сами за себе и најави нови инфраструктурни и образовни проекти доколку добие уште еден мандат.

136

Претседателот на Движењето ЗНАМ и кандидат за трет мандат за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, во интервју за Алсат М изјави дека зад себе има осум години посветена работа и реализирани над 800 проекти.

– Во изминатите осум години се посветив на сите делови во градот. Опозицијата може да шпекулира колку сака, но она што јас со мојот тим го реализирав е видливо насекаде во Куманово – изјави Димитриевски.






Тој потсети дека во изминатиот период е направена реконструкција на 16 училишта, изградени се четири нови спортски сали, а Градскиот и Соколанскиот парк се целосно обновени.

– Последната реконструкција е на една од најстарите улици во градот, во населба со мешан етнички состав, каде што со години немаше инвестиции – додаде Димитриевски.

Актуелниот градоначалник истакна дека никогаш не дискриминирал ниту еден граѓанин по етничка основа.

– Јас ги почитувам сите мои сограѓани. За мене сите се исти – прво се Кумановци, а потоа Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби. Јас интервенирам и инвестирам секаде, без поделби – порача тој.

Во програмата за следните четири години, Димитриевски најави подобрување на хигиената во градот, модернизација на јавните претпријатија и изградба на нови детски градинки.

– Претходната власт ги одби сите наши апликации за изградба на нови градинки, иако имаме три подготвени локации. Сега конечно го добивме првиот проект и три милиони евра за нова детска градинка со капацитет од 400 деца – истакна Димитриевски, додавајќи дека во соработка со Министерството за образование ќе се обезбеди и изградба на уште две нови градинки во урбаните заедници Бајрам Шабани и Карпош.

Од Движењето ЗНАМ потсетуваат дека Димитриевски во изминатите два мандата го претвори Куманово во еден од најразвиените градови во државата и дека има целосна поддршка од коалициските партнери во Владата за да го продолжи започнатото.

Поврзани содржини