ЗА 6 ГОДИНИ 100 МИЛИОНИ ЕВРА ПОДДРШКА ЗА 919 КОМПАНИИ ЗА ИНВЕСТИЦИИ Само за домашните компании годинава ќе се потрошат 35 милиони евра

Премиерот посочи дека инвестициската положба на земјата се подобрила со НАТО, а уште подобри резултати ќе има со влезот во ЕУ, кога како што рече, ќе  забележиме највисок раст во регионот.

79

Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите од неговото воведување до денес поддржа 919 компании со 100 милиони евра. За 6 години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати  од 3,2 милиони евра во 2018 година, до 35 милиони евра во 2023 година, рече премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на настанот #МКЕкономија „Довербата расте” наменет за компаниите корисници по Законот за финансиска поддршка на инвестиции.






-Речиси 150 милиони евра изнесува буџетската поддршка за домашните и странските компании годинава или 5 пати повеќе во споредба со периодот од пред 5 години. Директните субвенции во стопанството по основ на инвестиции, но и врз основа на други програми од 1,9 милијарди денари во 2017 година се покачија на 7,76 милијарди денари годинава – рече Ковачевски

Тој додаде дека инвестициската положба на земјата се подобрила со НАТО, а уште подобри резултати ќе има со влезот во ЕУ, кога како што рече, ќе  забележиме највисок раст во регионот.

– Убеден сум дека дента кога ќе станеме дел од ЕУ нашата држава и нашиот регион ќе бидат држава и регион со највисоки стапки на економски раст во однос на сите други сегашни земји-членки на ЕУ – рече Ковачевски.

 

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој исто така зборуваше пред претствници на околу 500 компании, рече дека не изостанала поддршката и на домашните компании.

– До 2017 година имавме нула поддржани домашни компании од страна на Владата, денеска поддржуваме 919. Овој подвиг е 100-отсто партнерски и Ви се заблагодарувам за вашата посветеност и истрајност, им рече Битиќи на присутните на претставници на компании на настанот.

Тој нагласи дека очекува преку оваа поддршка да продолжи позитивниот тренд на развојот на сите региони во државава и додаде дека со растот на бројот на компании кои инвестираат и доследното инвестирање во Буџетот заедно се гради довербата во овој механизам.

-Во 2018 година беше исплатена поддршка на 73 домашни компании во висина од 3,2 милиони евра, на крајот на 2022 година се исплатени 23 милиони евра кон 410 компании, а годинава се буџетирани околу 35 милиони за исплата. Од јануари до септември годинава, пак, се исплатени 31 милијарда денари или 510 милиони евра за поврат на ДДВ за компаниите – рече тој.

На настанот се одржа и инфо сесија за компаниите со процедурите за користење на поддршката од Законот, а дел од компаниите ги презентираа и резултатите од нивните инвестициски циклуси како и резултатите од поддршката од Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Законот за финансиска поддршка на инвестициите е донесен во 2018 година. Со Владина поддршка за домашните компании од 2018 до 2023 година се поддржани 919 компании со 100 милиони евра.

Поврзани содржини
na