ЗА 50% Е ЗГОЛЕМЕН ИЗВОЗОТ НА ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ Трипуновски најавува промени во субвенциите за земјоделците
Споредувајќи ги првите 5 месеци од 2024 година со првите 5 месеци од 2025 година во делот на извозот бележиме раст над 50 проценти. Во апсолутна бројка тоа е околу 57 милиони евра, што е сериозен раст, вели министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.
Денеска објавените статистички податоци за извозот на земјоделски производи се јасен показател дека земјоделските политики се движат во вистинска насока и дека во иднина земјата не само што ќе ги задоволува домашните потреби, туку и ќе го зголемува извозот, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
– Споредувајќи ги првите 5 месеци од 2024 година со првите 5 месеци од 2025 година во делот на извозот бележиме раст над 50 проценти. Во апсолутна бројка тоа е околу 57 милиони евра, што е сериозен раст. Овој раст значи дека успеваме домашните земјоделски производи да ги промовираме и надвор од границите на државата што во иднина ќе значи враќање на тоа што Македонија некогаш била – да ги задоволува домашните потреби, но и да извезува. Реченицата Македонија со увозна храна полека да станува минато – рече Трипуновски.
Министерот посочи дека е формирана работна група која прави анализа за ефектите на субвенциите. Првичните анализи покажуваат дека причините за падот на земјоделското производство не се само субвенциите, но ќе се направи мала модификација за 2026 година, со цел да се зголеми домашното производство.
– Првичните анализи покажуваат дека причините за падот на производството не се само во субвенциите, напротив тие се момент на одржување на земјоделците, меѓутоа, изминатите години бевме сведоци дека Владата и министерството не го ставаа земјоделското производство како приоритет. Ги наследивме субвенциите кои беа со сериозно задоцнување и ги исплативме, а тековно ги сервисираме сите субвенции кои што се по календарот на исплата. Со тоа градиме доверба на земјоделците кон институциите, што во минатото не беше случај поради што дел од земјоделската популација го напушташе земјоделското производство – рече Трипуновски.