ЗА 1 МЕСЕЦ ДА СЕ ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ ЗА НЕДЕЛА НЕРАБОТЕН ДЕН Синдикатите бараат и повисока минимална плата

ССМ на почеток на наредната недела планираат да побараат предлог измена и дополнување на Законот за минимална плата.

221

Во рок од 30 дена да се усвои законското решение со кое се прогласува недела за ден на неделен одмор, побара денеска Сојузот на синдикатите на Македонија.

Барањето, како што соопшти ССМ, е донесено на седница на претседателството на која е дискутирано за актуелната состојба поврзана со работничките права и процесите за донесување на одредени важни закони за работниците и колективните договори.






„Со оглед на тоа што се поминати сите рокови кои беа договорени помеѓу социјалните партнери за усвојување на Законот за измени и дополнувања на Законот за работните односи во делот на прогласување на недела за ден на неделен одмор кој според нас не оправдано е заглавен во Собраниската комисија за труд и социјална политика, сметаме свесно дека се прави штета на огромен број на работници“, се вели во соопштението од Синдикатот.

Оттаму додаваат дека соколку Законот беше донесен, досега 92 отсто од вработените ќе одмараа, а 8 отсто ќе беа платени со најмалку 50 до 100 отсто додаток за работа во ден на неделен.

ССМ бара и итна измена и дополнување на Законот за минимална плата со која ќе се спречи минималната плата да изнесува под 60 отсто од просечната плата односно истата да се зголеми најмалку на 18.000 денари и да се предвиди решение со кое и останатите плати ќе го следат растот на минималната плата.

Оттаму бараат и зголемување на платите со оглед дека се најавува зголемување на цените.

– Зголемувањето на останатите плати согласно зголемувањето на минималната плата треба да биде преку почитување на одредбите од колективните договори кои се однесуваат на утврдување на коефициенти на сложеност на работните места преку коишто многу лесно ќе следи зголемување на платите за сите работници – велат од ССМ.

ССМ на почеток на наредната недела планираат да побараат предлог измена и дополнување на Законот за минимална плата.

Синдикатите бараат и итно потпишување на Општиот колективен договор за јавен сектор

„Уште во август 2021 година доставивме предлог текст на нов општ колективен договор за јавниот сектор во којшто покрај другото предложивме право за регрес за годишен одмор за вработените во јавниот сектор во висина од 30 до 100 проценти од основицата“, се наведува во соопштението од Синдикатот.

Со новиот општ колективен договор за јавниот сектор, од ССМ велат дека ќе се промени поделбата и неправдата, а се нуди и поволно решение за зголемување на додатоците на плата за прекувремена работа, ноќна работа, работа во смени, работа во ден на неделен одмор, зголемување на деновите за платен одмор и воведување дополнителни основи за платени слободни денови, се воведува задолжителна одредба за консултирање на работниците, како и задолжителна обврска да потпише колективен договор на ниво на работодавец за работодавецот кај кој има над 30 вработени и други унапредувања на работничките права.

– Имајќи предвид дека овие барања на работниците подолг временски период се игнорираат од надлежните министерства, пратеници, а беа ветени од страна на Владата, доколку не бидат исполнети во рок од 30 дена, синдикатите здружени во ССМ ќе спроведуваат постапки во нивните органи и тела, врз основа на одлуките на ССМ што ќе бидат донесени во наредните денови. Ќе бидеме принудени да застанеме рамо до рамо со работниците на генерален штрајк – велат од ССМ.

Додаваат дека донесена е Одлука веднаш да продолжат преговорите со Организацијата на работодавачи на Македонија и да се склучи Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Велат дека без оглед на политичката состојба во државата, работниците не отстапуваат од барањата што се егзистенцијални и суштински за нив.

Поврзани содржини