WOLT СТАНУВА ДЕЛ ОД СЕКОЈДНЕВИЕТО Целта е да станат најдоверлива платформа за сè што им е потребно на граѓаните
Нашите доставувачи се партнери. Тие имаат целосна флексибилност да изберат кога и колку ќе работат. Ние им нудиме поддршка, воведна обука и мерки за безбедност, но не им го диктираме распоредот. Таа слобода е многу важна, особено за луѓе кои комбинираат повеќе работни обврски, студии или семејни одговорности. Многу од нашите курири се млади и технолошки писмени и ја ценат платформата што го почитува нивното време и труд.
Wolt официјално започна со работа во Македонија на 1 април 2025 година. Еден месец подоцна, разговараме со Ѓорѓе Давидовиќ, генерален директор на Wolt за Северна Македонија и Србија, за тоа како помина лансирањето, како реагира пазарот и во кој правец ќе се движи компанијата понатаму.
Влезот на Wolt на пазарот во Македонија беше со нетрпение очекуван. Како би го сумирале првиот месец?
– Сè се одвиваше брзо и охрабрувачки. Влеговме со јасен план, но реакцијата на пазарот беше уште подобра од очекуваното. Корисниците во Скопје многу брзо го прифатија Wolt, а нашите локални партнери — ресторани, продавници и доставувачи-партнери, покажаа вистински ентузијазам. Веќе имаме значителен број бизниси што соработуваат со нас, како и голем број доставувачи-партнери кои се дел од Wolt платформата. Тоа ниво на ангажман ни покажува дека сме направиле нешто како што треба.
На што најмногу реагираат корисниците?
– Го ценат тоа што услугата е едноставна и сигурна. За повеќето луѓе, сè се сведува на едно прашање: функционира ли кога ми треба? А Wolt – навистина функционира. Целиме испораките да ги завршиме за помалку од 30 минути и постојано го постигнуваме тоа. Но, разликата не е само во брзината – тука се и корисничкото искуство со апликацијата, јасната комуникација и квалитетната мрежа на партнери. Ние не градиме само апликација за достава, ние градиме доверба.
Во Скопје веќе постојат конкуренти. Што носи Wolt како поинакво искуство?
– Се фокусираме темелно на извршувањето. Не бараме скратен пат. Секој детаљ, од вклучување на партнер до обука на доставувачи–партнери го правиме со внимание. А не ги вклучуваме само бизнисите, туку им и даваме поддршка. Многу од нашите партнери од угостителството и трговијата велат дека веднаш виделе зголемување на нарачките и досегот. Тоа е затоа што ја комбинираме технологијата, логистиката и локалното познавање на пазарот на начин што им помага да растат. Тоа е нашата предност.
Вие го водевте Wolt низ брз раст во Србија. Како се споредува со Македонија?
– Македонија во некои аспекти ми изгледа познато – висока енергија, брзо учење, многу директна повратна информација, но Скопје е покомпактен град, што ни овозможува поефикасна експанзија. Применивме многу научени лекции од Србија, особено во делот на операции и менаџирање со партнери. Исто така, овде се движиме побрзо бидејќи знаеме што да очекуваме и како да реагираме. Целиот процес оди многу посмирено, а за тоа голема заслуга има и локалниот тим.
Ајде да зборуваме за доставувачите. Кој е моделот во Македонија?
– Нашите доставувачи се партнери. Тие имаат целосна флексибилност да изберат кога и колку ќе работат. Ние им нудиме поддршка, воведна обука и мерки за безбедност, но не им го диктираме распоредот. Таа слобода е многу важна, особено за луѓе кои комбинираат повеќе работни обврски, студии или семејни одговорности. Многу од нашите курири се млади и технолошки писмени и ја ценат платформата што го почитува нивното време и труд.
Дали нешто ве изненади на пазарот досега?
– Секако. Брзината со која луѓето се прилагодуваат е навистина импресивна. За нешто повеќе од еден месец од активирањето на нашиот пазар, сведоци сме на силно прифаќање на дигиталните навики овде. Луѓето не нарачуваат само храна, туку истражуваат широк спектар на производи од локални продавници. Од првиот ден во Македонија, започнавме со првата соработка со ланец на супермаркети паралелно со рестораните, што ја прави земјата една од ретките каде што истовремено го лансиравме и малопродажниот и угостителскиот сегмент. Корисниците со задоволство нарачуваат намирници, производи од аптека, широка потрошувачка, алкохол, како и производи за здравје и убавина. Исто така, постои континуиран интерес и за други категории како што се производи за миленици, цвеќарство, уредување на домот, електроника и детски играчки. Очекувавме раст во овие области, но побарувачката за проширување се зголеми побрзо одошто можевме да замислиме. Со веќе поставена силна основа, подготвени сме да продолжиме со надградба и унапредување на услугите, отворајќи пат за идното воведување на Wolt Market.
Кои се вашите планови за раст до крајот на годината?
– Посветени сме на одговорен раст, додека ја задржуваме нашата амбициозна визија. За да го постигнеме тоа, потребен е истовремен напредок во сите области, од зголемување на бројот на задоволни корисници, до проширување на мрежата на ресторани и доверливи партнер-доставувачи. Нашиот приоритет во моментов е зајакнување на присуството во Скопје преку зголемување на бројот на партнери, вклучување нови доставувачи и унапредување на ефикасноста на испораката. Штом ќе изградиме стабилна основа тука, постепено ќе го прошириме нашето присуство и во другите градови.
Дополнително, со нетрпение очекуваме да воведеме докажано успешни функционалности и деловни модели од поразвиените пазари, кои се покажале како исклучително ефективни за корисниците, партнерите и доставувачите. Овие иновации ќе бидат адаптирани и за Македонија кога ќе биде вистинското време. Нашата главна цел останува непроменета: да станеме најдоверлива платформа за сè што ви е потребно да се достави, градејќи долгорочни односи базирани на сигурност и заедничка доверба.
Како управувате со две земји – Србија и Македонија а сепак одржувате конзистентност?
– Сè се сведува на силни локални тимови и заемна почит меѓу пазарите. Ние не централизираме сè, градиме локално, но остануваме поврзани. Нашиот тим во Скопје работи блиску со тимот во Белград, како и со колегите од сите другите Wolt земји. Тоа ни помага да се движиме побрзо и да останеме усогласени во однос на квалитетот. Но, секој пазар има свој ритам и ние го почитуваме тоа.
Како ја дефинирате успешноста на Wolt овде?
– Успехот не се мери само со бројки туку со тоа Wolt да стане неразделен дел од секојдневието. Нашата мисија е да донесеме радост, едноставност и приходи во локалните заедници преку развој на платформа за локална трговија. Платформа што ги поврзува луѓето кои сакаат да нарачаат, не само вечера, туку и основни продукти и друга стока, со оние кои сакаат да ги продаваат и доставуваат. Кога корисниците вистински ни веруваат за сите нивни потреби, кога партнерите нè гледаат како двигател за раст и кога доставувачите го доживуваат Wolt како сигурен и флексибилен начин да работат според свои услови – тогаш создаваме нешто многу поголемо од обична услуга. Градиме трајни односи со пазарот и со заедниците на кои им служиме.