ВУЛИН ПРЕДЛАГА ЗАКОН ЗА „ПРЕДАВНИЦИ“ ВО СРБИЈА Бара невладините организации да бидат регистирани како странски агенти
Владејачкото мнозинство во српскиот парламент нема да го поддржи законот, откри српскиот претседател Александар Вучиќ за предлогот на Социјалистичкото движење чиј основач е вицепремиерот Вулин.
Пратениците на Социјалистичкото движење во Србија, чиј основач е актуелниот вицепремиер на земјата Александар Вулин, поднесоа предлог-закон со кој невладиниот сектор ќе биде наречен „странски агент“. Со ова име во посебен регистар би биле запишани сите организации кои главно се финансираат од странство заради политичко влијание.
Закон за странски агенти по моделот на Русија, беше предложен во неколку други земји, вклучително и на Балканот, пишува Радио Слободна Европа.
Во Социјалистичкото движење, пак, тврдат дека нивниот модел бил американскиот Закон за регистрација на странски агенти (ФАРА) од 1938 година, а не на рускиот.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на 3 декември им рече на новинарите дека ниту владата ниту парламентарното мнозинство не се предлагачи на законот за странски агенти, туку политичка партија.
– Да сакаше владата ќе го предложеше. Но, ќе има дискусии за законот, па на народот ќе му биде јасно како ќе биде именуван – рече Вучиќ.
Социјалистичкото движење на Вулин со двајца пратеници е во коалицијата со владејачката СНС на Вучиќ.
Вулин поднесе оставка од Безбедносната разузнавачка агенција (БИА) во ноември 2023 година, неколку месеци откако САД го ставија на списокот со санкции, меѓу другото, за неговите наводни врски со Русија.
Кога во мај беше формирана новата влада на Србија, тој стана нејзин потпретседател задолжен за соработка со земјите од економскиот сојуз БРИКС во кој членува Русија.
Професорот по уставно право Богољуб Милосављевиќ за РСЕ изјави дека законот за странски агенти е нешто што може да одговара на Русија, Белорусија, Северна Кореја и некои стари комунистички режими, а дека ознаката „странски агент“ постоела и во времето на Слободан Милошевиќ.