Вучиќ утре ќе му ја предаде на Заев првата пратка вакцини од Србија, кинеските ќе пристигнат следната недела
На граничниот премин Табановце утре во 14 часот премиерот Зоран Заев ќе ја пречека делегацијата предводена од претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, со која ќе пристигне и првата пратка со вакцини.
Првата пратка на вакцини од Србија пристигнува утре, информира владината прес служба.
На граничниот премин Табановце утре во 14 часот премиерот Зоран Заев ќе ја пречека делегацијата предводена од претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, со која ќе пристигне и првата пратка со вакцини.
На приемопредавањето покрај премиерот ќе биде и министерот Венко Филипче.
Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција најави дека вакцините на „Фајзер“ од Србија ќе пристигнат утре во земјава, а дека кинеските вакцини на „Синофарм“ ќе пристигнат на 15 или на16 февруари.
– Ние секој ден се надеваме час поскоро да стигнат вакцините. Имаме најава дека дури и утре, но сè уште немаме потврдено, и затоа нема да кажам детали дека може да се случи да стигнат први вакцини во нашата земја, тоа ќе го знаеме денеска попладне дали ќе биде така. Она кое што го очекуваме во делот на кинеските вакцини е 15 или 16 февруари, секако денеска очекувам да се случи плаќањето од страна на нашата земја за да може да се испланира пакувањето, обезбедувањето на превозот од Кина на овие 200.000 вакцини до овде во Скопје. Денови се во прашање кога ќе стигнат вакцините – истакна Заев.
Според него, многу важно е тоа што системот за вакцинација ни е целосно подготвен.
– Очекуваме Фајзер вакцини, очекуваме Синофарм вакцини најбрзо да дојдат. Секако, отворени ни се механизмите на набавка на Фајзер, АстраЗенека и Модерна преку КОВАКС-системот, преку ЕУ секој ден очекуваме ново решение. Комесарот Вархеји најави 70 милиони евра, зборува дури и за авансно плаќање – рече премиерот.