Водечките западни новински агенции известуваат за изборите во Србија, наведувајќи дека се очекува победа на претседателот Александар Вучиќ и неговата Српска напредна партија, пренесува Н1.рс.
Републичката изборна комисија (РИК) на Србија соопшти дека резултатите од изборите најверојатно ќе бидат објавени утре.
Инаку, српските медиуми пренесуваат дека актуелниот претседател на Србија, Александар Вучиќ и неговата Српска напредна партија се апсолутни победници на претседателските и предвремените парламентарни избори во Србија.
Според првичните неофицијални резултати кои ги соопшти Републичката изборна комисија, по обработени близу 10 отсто од гласачките ливчиња, Вучиќ има освоено над 69,7 отсто од гласовите, а неговиот најзериозен против кандидат, порашениот генерал Здравко Понош 10,13 отсто.
АП наведува дека се формирале долги редици пред избирачките места во Србија, но се очекува на власт да остане популистичка влада која одбила да воведе санкции кон Русија поради војната во Украина.
Предизборните анкети на јавното мислење предвидуваат дека претседателот Александар Вучиќ ќе добие уште еден петгодишен мандат и дека неговата десничарска Српска напредна партија повторно ќе доминира во собранието со 250 пратеници, наведува американската агенција.
Според аналитичарите, опозицијата, сепак, има шанса да победи во Белград, пишува АП, и оценува дека тоа би му задало сериозен удар на децениското неспорно владеење на популистите во Србија.
Опозиционерите соопштија дека при гласањето биле забележани повеќе нерегуларности и дека владејачката партија е подготвена да употреби насилство за да ја спречи победата на опозицијата, пренесува АП.
Иако Србија формално се стреми кон членство во ЕУ, Вучиќ негува блиски врски со Русија и Кина, сметајќи на гневот на Србите на Запад поради воздушните напади на НАТО, наведува АП, додавајќи дека Србија ја поддржа резолуцијата на ОН со која се осудува руската инвазија на Украина. Белград засега не се приклучува на санкциите против Москва.
Француската агенција АФП пишува дека граѓаните на Србија гласале на изборите на кои популистичкиот претседател Александар Вучиќ планира да го продолжи своето десетгодишно владеење, претставувајќи се како гарант на стабилноста во сенка на војната во Украина.