ВУЧИЌ СЛАВИ „10-0“ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ Набљудувачите зборуваат за „бугарски воз“ и за изборни притисоци
Додека српскиот лидер прогласи убедлив резултат на локалните избори кои се одржаа во 10 општини, опозицијата и блокадерите пријавија нерегуларности и притисоци. Набљудувачите оценија дека изборниот процес се движел од „најлошо до лошо“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ прогласи „победа од 10-0“ на локалните избори во Србија. Според прелиминарните резултати, коалицијата предводена од владеачката партија СНС освоила мнозинство во сите 10 општини каде се гласаше.
– Ѝ благодарам на Србија за големата доверба – изјави Вучиќ, оценувајќи дека изборите завршиле со убедлив резултат.
Вучиќ изјави дека најнеизвесно било во Кула со разлика од околу 530 гласови, како и во Бор каде предноста била околу 1.900 гласови.
Изборите се одржаа во Аранѓеловац, Бајина Башта, Бор, Кладово, Књажевац, Кула, Лучани, Мајданпек, Севојно и Смедеревска Паланка.
„Бугарски воз“
Според извештаите на независните набљудувачи и опозициските листи, изборниот ден бил проследен со инциденти, тепачки и бројни обвинувања за нерегуларности. Опозицијата и студентското движење пријавиле притисоци врз гласачи, физички конфликти и нарушување на изборниот процес.
Пријавени се случаи на заплашување, фотографирање гласачки ливчиња и таканаречен „бугарски воз“.
„Не беа спремни ниту да ги приведат“
„Набљудувачите насекаде виделе водење паралелни евиденции, случаи на загрозување на тајноста на гласањето и организирано доведување гласачи, што укажува на можно гласање под притисок, но во светлината на тепањата, вадењето оружје и ширењето страв, тие недостатоци на изборите неоправдано изгледаат ‘помалку’ сериозни“, се истакнува во соопштението на ЦРТА.
ЦРТА предупреди и дека „посебно загрижува фактот дека полицијата во најголем дел не била подготвена да ги заштити граѓаните кои биле изложени на насилство, ниту да ги приведе сторителите“.
„Терор на блокадерите“
Набљудувачите од ЦРТА оценија дека изборниот процес се движел од „најлошо до лошо“, со сериозни проблеми и насилство на повеќе места.
Претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, изјави дека на денот на изборите „блокадерите спроведуваат добро организиран и внимателно испланиран терор“.
„Локалните се будат“
Додека власта зборува за победа, студентите изнесоа поинаква оценка.
„Локалните се будат. Големите градови се подготвени. Промените доаѓаат. Србија не може да се смири. До победа“, објавија студентите на нивната веб-страница.
Тие тврдат дека поддршката за СНС е намалена во дел од општините. Според нивната проценка, неможноста за истовремено вршење притисок на голем број места, заедно со тешкотијата за тргување со позиции, работни места и разни бенефиции, е една од причините зошто парламентарните избори сè уште не се објавени.