ВУЧИЌ СЕ ЗБОГУВА СО ЗАЕВ Му посака добредојде на Ковачевски
Српскиот претседател Александар Вучиќ му се заблагодари на Зоран Заев за сѐ што направил за пријателството меѓу Србија и Северна Македонија.
Им благодарам на Зоран Заев и на Еди Рама, на храброста да влеземе и да направиме најдобра иницијатива која ќе го смени лицето на Балканот, од чие име не се срамиме, иницијатива која ќе донесе многу добри работи за нашите граѓани, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ денеска на прес-конференцијата во Тирана, по состанокот на Отворен Балкан, јави дописникот на МИА од Белград.
– Разговарав со наследникот на Зоран Заев, Димитар Ковачевски, и тој ми посочи пример за еден негов роднина, која работел за германска фирма во Краљево, кому ние моравме секој месец да му издаваме пет разни дозволи, да го малтретираме човекот…Тоа веќе нема да биде. Ако имате работна дозвола во Краљево и во Белград, со тоа ќе имате работна дозвола да работите и во Скопје и во Тирана. Со тоа завршивме и со бирократските препреки – изјави Вучиќ.
Тој му се обрати на премиерот Заев, изразувајќи му благодарност.
– Тебе многу ти благодарам за сѐ, на огромниот труд, иако знам дека утре официјално поднесуваш оставка, сакам да ти се заблогадарам за сѐ што направи и за пријателството меѓу Србија и Северна Македонија, за трите земји, на што работеше и градеше, и да му посакам добредојде на господинот Ковачевски – изјави Вучиќ, најавувајќи нов самит на Отворен Балкан во мај или во јуни во Белград.