ВУЧИЌ ПОДГОТВУВА „СПЕЦИЈАЛНА ОПЕРАЦИЈА“ ЗА КУПУВАЊЕ НА „НИС“ Тој не сака да се конфискува, ама е подготвен да ја преплати, ако треба
Руските сопственици на НИС, како што изјавија од владата на Србија преговараат со компании од Европа и Азија за продажба на компанијата.
Србија е подготвена да ја преплати рафинеријата НИС доколку руските преговори со партнери од Европа и од Азија за промена на сопственоста не успеат, порачано е на денешната седница на владата на Србија.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека сака по секоја цена да избегне „национализација, конфискација и заплена на имот“, но и тој спомена „специјална операција“, без да даде повеќе детали, пишуваат српските медиуми.
Вучиќ најави дека Србија ќе ја објави конечната одлука во рок од 7 дена.
На седницата на Владата, откако доби порака од Вашингтон дека Русите мора целосно да ја напуштат сопственичката структура на НИС, Вучиќ изрази надеж дека мнозинскиот сопственик на оваа комерцијална компанија ќе „ја забрза трансакцијата“ со партнерите со кои моментално преговара.
– Доколку не се согласат за куповната цена, мојот предлог е да размислиме да им понудиме подобра цена. Иако ние не сме нивен избор, ние не бевме руски избор, некои други се руски избор, претпоставувам дека мислеле дека можат да го завршат тоа со менаџментот. После тоа, ние мора да понудиме повисока цена – рече Вучиќ.
За тоа, како што изјави, ќе бидат потребни дискусии со сите финансиери за да се заштедат пари во државната каса.
– Ако немаме друго решение, без разлика колку, без разлика колку чини, ќе ги најдеме парите, ќе разговараме со Европејците и со сите други – рече Вучиќ.
Тој ѝсе обрати на гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ.
– А Јоргованка, она за што еднаш зборувавме, за специјална операција, ние ќе мора да го спроведеме. Ако треба сами да ја платиме, ние ќе ги имаме парите, ние ќе платиме, само ќе мора да ја спроведеме таа операција. И ќе ги информираме граѓаните дали е прифатена, бидејќи сакам да избегнам конфискација, национализација и запленување на имот по секоја цена – нагласи претседателот.
Руските сопственици на НИС, како што изјавија од владата на Србија преговараат со компании од Европа и Азија за продажба на рафинеријата.
Во 2009 година, Србија продаде мнозински удел (51 процент) во НИС на „Гаспромнефт“, нафтената подружница на рускиот енергетски гигант Гаспром, за 400 милиони евра.
Денес, „Гаспромнефт“ поседува речиси 45% од НИС, една од неговите сестрински компании „Интелиџенс“ поседува 11,30%, а државата Србија поседува околу 30% од компанијата. Преостанатиот дел го држат малцинските акционери.
НИС управува со единствената рафинерија во земјата, сместена во Панчево, во близина на Белград, која снабдува приближно 80 проценти од српскиот пазар.
Со проектиран промет од приближно 3,3 милијарди евра во 2024 година, НИС вработува приближно 13.500 луѓе и управува со повеќе од 400 бензински пумпи, главно во Србија, и приближно 80 во Босна и Херцеговина, Бугарија и Романија.