Лидерите на Србија и на Косово потпишаа договор со американскиот претседател Доналд Трамп во Овалниот кабинет во Белата куќа.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека има многу разлики меѓу Белград и Приштина, но дека ова е голем чекор напред, пренесува РТС, повикувајќи се на Ројтерс.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во Белата куќа дека Белград и Приштина се посветени на економската нормализација и дека е постигнат чекор напред кон економската соработка, пренесува Ројтерс.
Тој го поздравил огромниот напредок што е постигнат.
– Навистина, ова е историско, се радувам на посетата на двете земји, во не толку далечна иднина – рече американскиот претседател во Белата куќа.
Како што ексклузивно дознава „Блиц“, според договорот потпишан во Вашингтон денеска, Приштина, меѓу другото, ќе се приклучи на иницијативата за мини Шенген, без одлагање ќе започне изградбата на нови патишта и пруги, што подобро ќе го поврзе регионот, а во Белград ќе биде отворена канцеларија.
Делегацијата на Косово доцнеше на состанокот во Белата куќа на средбата со претседателот на САД бидејќи Алијансата за иднината на Косово се спротивставува на договорот со Србија.
Партијата предводена од Рамуш Харадинај се спротивставува на договорот во кој езерото Газивода е една од точките.
По средбата во Белата куќа, Вучиќ и Хоти треба да се сретнат одделно со американскиот државен секретар Мајк Помпео, објави Гласот на Америка.
Церемонијата на потпишување на договорот, иако беше најавена, не беше пренесувана во живо, објави Си-Ен-Ен.