Жељко Митровиќ, генерален директор и сопственик на Пинк медиа груп, преку својот официјален профил на Инстаграм денеска објави дека по препорака на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, донел одлука за дефинитивно укинување на реалното шоу „Задруга“.
„По препорака на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, донесов одлука да ја откажам реалити програмата „Задруга“ во најкус можен рок, не подолго од десетина дена. Верувам дека единството на Србија и проценката на претседателот на Републиката се поважни од секаков вид интерес на Пинк и мојот личен интерес“, објави сопственикот на Пинк медиа груп на својот профил на Инстаграм.
Претходно, Митровиќ објави дека со својот тим ќе ја разгледува можноста за укинување на шоуто. На учесниците пред неколку дена им соопшти дека ова дефинитивно ќе биде последната сезона на „Задруга“ во ваков формат.
Дел од јавноста во Србија, случувањата меѓу учесниците во шоуто ги смета за еден од поттикнувачите на насилното однесување меѓу младите.
Петиции за укинување на „Задруга“ и другите реални шоуа се покренаа по масовното убиство на 3 мај, кога 13-годишниот ученик Коста Кецмановиќ во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград усмрти 9 ученици и обезбедувачот во училиштето.
View this post on Instagram