ВУЧИЌ ЈА СМЕНИ ИГРАТА, КУРТИ Е ВО ТЕСНО Што по српското прифаќање на германско-францускиот предлог
Топката е кај премиерот Албин Курти. Курти е во проблематична ситуација. Доколку не успее да ги убеди посредниците во своите постапки, тоа ќе се смета за нарушување на мирот. Со оваа акција Србија ја смени играта – велат косовски аналитичари.
Косовски политички аналитичари оценуваат дека, откако српскиот претседател Александар Вучиќ навести дека ќе го прифати германско-францускиот план, сега на потег е премиерот на Косово Албин Курти и неговата позиција е незавидна.
Аналитичарот Или Хоџа за ТВ Дукаџини вели дека Курти тешко ќе го отфрли формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) по евентуалното прифаќање на француско-германскиот план од страна на Вучиќ.
– Ќе биде многу тешко Курти да ја одбие Заедницата. За да се надмине оваа ситуација, треба да има дијалог со политичките актери на Косово или да одиме на нови парламентарни избори – истакна Хоџа.
Според аналитичарот Астрит Гаши Србија ќе го прифати секој план што не значи официјално признавање на Косово.
– Топката е кај премиер Албин Курти. Курти е во проблематична ситуација. Доколку не успее да ги убеди посредниците во своите постапки, тоа ќе се смета за нарушување на мирот. Со оваа акција Србија ја смени играта – наведе Гаши.
Поранешниот косовски министер Дардан Гаши посочи дека Вучиќ го подготвува пат за прифаќање на француско-германскиот план.
– Он а што го направи Вучиќ е интересен потег на Србија што го става Курти во тешка ситуација – истакна Дардан Гаши, додавајќи оти ако Србија го потпише документот, тогаш петте земји-членки на ЕУ нема да имаат причина да не го признаат Косово.
Аналитичарот Дибран Хоџа изјави дека по последниот потег на Србија претстојат тешки денови за Косово.
– Ако ја формираме Заедницата и не добиеме директно признавање од Србија, тогаш што сме добиле? Каква гаранција имаме дека ако прифатиме формирање на ЗСО, ќе има конечен договор – додаде Хоџа.
Аналитичарот Исмаил Ташоли оценува дека и Косово и Србија веќе го прифатиле француско-германскиот план.
– Во принцип, двајцата лидери веќе го прифатија француско-германскиот план. Но и овој план има многу непознати. Најпрво се зборуваше дека тоа е европски план. Дотогаш се зборуваше и дека тоа е американски план. Курти и ЗСО се на еднонасочна улица. Ќе излезе повреден дали ќе прифати или не. Ако го потпише ќе одговара. Ако не потпишат пак, ќе има политички проблеми – истакна Ташоли.