„Ву веи“ или парадоксот на нечинењето
Секој нормален човек ќе се праша: па за што тогаш ни служат законите во државава? Па за украс, се разбира, и за показ пред ЕУ! Но, ништо од ова не е ни смешно ниту пак е наивно. Станува збор за смислена и меѓупартиски усогласена стратегија на избегнување на контролата и законитоста во споменичкото одбележување во државата, изигрување на законот и поставените во него правила на однесување во таа област.
„Ву веи“ на кинески значи да не се прави ништо односно нечинење ништо и тој концепт е еден од важните во филозофијата на Таозимот. Звучни привлечно, се разбира, човек да не се напрега во чинењето, да се препушти на природните струи и да биде во дослух со нив, да не се исцрпува во неплодни активности. Но кога државата е „ву веи“, тогаш веќе имате сериозен проблем!
Најновиот парадокс со споменикот во с. Слупчане не е никаков преседан во современата македонска споменичка пракса. Ниту пак е особено важно што тој е подигнат во сеќавање на паднати борци на ОНА. Тој факт не му додава многу, а не му ни одзема ништо во квалификациите дека, сепак, според македонските закони, тој претставува – дивоградба. За сите, освен за државата односно извршната власт надлежна за тоа. И таквата (законска но не и фактичка) карактеризација на тој споменик не е во ништо различна од истата во однос на цело чудо други слични споменици во „Нашата земја“, меѓу кои и целиот комплекс викан „Скопје 2014“. Всушност, сѐ – и буквално сѐ! – подигнато како споменик во оваа држава последниве 15-20 години е дивоградба. Но, со една финеса: тие се констатирани и документирани но толерирани дивоградби! Зошто? Никој не знае.
Зошто го велам ова? Затоа што, барем во тој поглед, Законот за меморијалните споменици и спомен обележјата (последен пат дополнуван 2015 година), е дециден и јасен, појасен не може да биде: „меморијален споменик може да подига Собранието на Република Македонија…“ (чл. 5), „Собранието на Република Македонија, за настаните и личностите (…) што треба да се одбележат со меморијален споменик, донесува Програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности со меморијален споменик“ (чл. 6). Вон овие норми (и некои други „техникалии“: одлука, одбор, средства, локација итн.) никој во државава не може да подига меморијален споменик односно истиот ќе се смета за нелегален и постапката подлежи на парична казна и можна мерка отстранување на споменикот (чл. 28). Но, но, во случајов никако не би станало збор за некаква смелост да се отстрани еден споменик-дивоградба, туку таа смелост би требала да биде принципиелна и правична бидејќи ние најчесто забораваме дека еден преседан направен во даден миг генерира уште сто идни преседани со коишто потоа не можете да се справите. Па следствено: кој сега ќе се осмели да бара отстранување на споменикот во Слупчане поради прекршување на законот, кога цело Скопје и половина Македонија се прекриени со такви преседани? Не само од „Скопје 2014“, туку и пред и по него! Оттука, што во пракса би значело законското „справување“ со „случајот Слупчане“, но и со сите вакви незаконски новоизградени споменици во државава? Споменичка катаклизма, „сеча“ на спомениците, помор…
Но, од друга страна, состојбата статус кво односно толерирањето на незаконското постапување ја жигосува државата како нефункционална, како држава без институции односно со институции што не си ги знаат надлежностите (во прв ред Министерството за култура!), ја вбројува во политикантски држави и хибридни режими каде задржувањето на власта е поважно од спроведувањето на законите! Македонскиот парадокс на молк на државата, на нечинење односно непреземање соодветни законски мерки е на дело повеќе од две децении. Растегливата одговорност т.е. неодговорност, толерирањето на секаков криминал, корупција и беззаконие кога доаѓа од редовите на власта… ја води државата во правен колапс, неспособност и ретроградност. Исправени пред вакви и слични „дилеми“, македонските власти по правило го избираат – поголемото зло, заборавајќи во случајов дека парадоксот на нечинењето кај државата остава длабоки лузни на неспособност, неукост, толеранција на криминалот, сиви зони…
И токму во таа „сива зона“ е и необјаснивото игнорирање на обврската на Собранието за донесување на спомнатата Програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности со меморијален споменик повеќе од две децении. Или некој мисли дека тоа е – случајност? Белки не сме толку наивни? Иако, секако, секој нормален човек ќе се праша: па за што тогаш ни служат законите во државава? Па за украс, се разбира, и за показ пред ЕУ! Но, ништо од ова не е ни смешно ниту пак е наивно. Станува збор за смислена и меѓупартиски усогласена стратегија на избегнување на контролата и законитоста во споменичкото одбележување во државата, изигрување на законот и поставените во него правила на однесување во таа област. Притоа, сите глумат недоветни, без оглед што најголемиот број од државните органи навистина де факто не си ги знаат ингеренциите, а министрите се таму не за да ги спроведуваат државните програми туку за да ги исполнуваат наредбите на партијата и поединци и групи блиски до неа. Дали затоа сме сѐ уште хибриден режим? Веројатно, но ни за тоа веќе никој како да не се грижи.
Или ние, дури несвесно, можеби навистина сме преминале од хаосот на хибридниот режим во Таоизам, па државата „кулира“ не чинејќи ништо, незаинтересирано посматрајќи ги нештата, онака „од страна“?
Извор: Теодосиевски уметност