ВТОРИОТ ОБВИНЕТ ЗА ПОТКУПОТ ВО ГЕРИЈАТРИЈА ДОНЕЛ ЛЕКАРСКО ОПРАВДАНИЕ Прескокнати две рочишта, главната расправа одложена за 20 октомври
Одбраната на обвинетиот Блерим Амити доставила медицинска документација до Судот, согласно која тој не може да присуствува на расправите.
Судот ги отповика двете главни расправи за случајот „Геријатрија“, од кои едната требаше да се одржи денеска во Основниот кривичен суд – Скопје, а другата на 18 септември.
Како што информираат од Кривичен суд, расправите се отповикани поради здравствени причини на еден од обвинетите. Одбраната на обвинетиот Б.А. доставила медицинска документација до Судот, согласно која не може да присуствува на расправите.
Судењето ќе продолжи на следниот веќе утврден термин односно на 20 октомври.
На минатото рочиште обвинетите се изјаснија дека не чувствуваат вина за делата што им се ставаат на товар. Во случајот „Геријатрија“ за примање поткуп се гони директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина, Мухсин Арифи, додека Блерим Амити се гони за примање награда за противзаконито влијание.
Според обвинителниот акт, Арифи побарал имотна корист од 20.000 евра за да овозможи болнички прием на пациентка во тешка здравствена состојба. Амити, кој претходно го познавал сведокот, се понудил да посредува и ја примил паричната сума, при што бил фатен на самото место од полицијата.