ВТОРИОТ КРУГ ЌЕ ОХРАБРИ МНОГУ ЛУЃЕ ДА ИЗЛЕЗАТ И ДА ГЛАСААТ Мециновиќ не размислува за оставка од пратеничката функција

Кандидатот на Левица Амар Мециновиќ тврди дека ниската излезност е резултат на недовербата во системот, но уверува дека вториот круг ќе донесе историски пресврт и нова политичка реалност во Македонија.

1,295

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, во телевизиски дуел со Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, ја коментираше ниската излезност на гласачите во првиот круг од локалните избори 2025, посочувајќи дека причината лежи во недовербата на граѓаните во вистински политички промени.

– Излезноста почива на тоа што нашите граѓани не гледаат политички промени кога ќе дојде до трансфер на власт. Малата излезност е генерално продукт на тоа што нашите граѓани сметаат дека не можат да делуваат со своето гласачко право кое го имаат, не можат да ја сменат судбината – изјави Мециновиќ.






Тој додаде дека граѓаните не се деполитизирани, туку индиферентни, бидејќи не веруваат дека нивниот глас може да донесе реална промена. Според него, вториот круг на изборите отвора нова политичка етапа во Македонија.

– Сега имаме други околности, втор круг каде што за првпат нема натпревар меѓу ВМРО и СДСМ, туку меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Со самото тоа што ги живееме првите денови од оваа нова политичка реалност во Македонија, верувам дека многу граѓани ќе се охрабрат и ќе излезат во вториот круг – истакна кандидатот на Левица.

Мециновиќ зборуваше и за својот професионален и политички пат, посочувајќи дека студирал на политички студии, но сè уште нема дипломирано, и дека работел различни работи, меѓу кои и како фриленсер.

– Јас го легитимирав мојот пратенички мандат. Кога ќе поднесат оставка 30 пратеници од вашата група кои збор немаат земено, тогаш и јас ќе поднесам оставка, иако сум еден од најактивните пратеници во Собранието – изјави тој.

Мециновиќ нагласи дека Левица ја нуди реалната алтернатива на системот и оти овој втор круг е доказ дека партијата станува втора политичка сила во земјата, што, како што рече, претставува јасен сигнал за почеток на нова политичка ера.

Поврзани содржини