Втора шанса
Господине премиер, извадете ја маската, оставете ја функцијата „архиепископ на МПЦ“ и водете ја државата како европски политичар, не само на зборови, туку и со дела. Не се мешајте во никакви црковни работи по евангелскиот пример: царевото на царот, а Божјото на Бога.
Ретко кои луѓе што се бореле против Бога, со сите свои промашувања и извршени неправди, добиваат втора шанса во животот. Премиерот Зоран Заев ја доби. Затоа, треба да е исклучително благодарен, но и особено внимателен да не ги повтори, туку да ги исправи сите (не)дела, кои ги изврши на верски план во минатиот мандат.
А тие (не)дела во колективната меморија на Едната и Соборна Православна Црква (на која МПЦ за жал не е дел), се дека Заев целосно ја презема улогата „архиепископ на МПЦ“, со цел лично тој (понесен од занесот во кој тогаш си живееше), да најде излез за расколот на МПЦ, не бирајќи начини како ќе го стори тоа, со што придонесе за ширење на деструктивно настроение дури и надвор од татковината.
Тој своеглаво го мотивираше и го поддржа погубното барање на непризнатата МПЦ, Бугарската црква да ѝ биде мајка. Потоа, потпиша писмо со исклучиво црковна димензија и тоа од име на Владата на Северна Македонија до Истанбулскиот патријарх, за интересите на една од верските заедници. Со тоа не само што ја наруши уставно гарантираната секуларност на државата влегувајќи во верски води, туку дополнително ја злоупотреби државничката позицијата, настапувајќи од лично име и поистоветувајќи се со група луѓе од една верска заедница, нарекувајќи ги „нашите архиереји“.
Од друга страна, не покажа доблест и никогаш не оствари средба, ниту побара мислење за начинот како да ѝ се помогне на МПЦ во надминување на расколот, од онаа црква во неговата држава, од која зависи решението и од која требаше да го стори тоа, т.е. канонската и сеправославно призната ПОА.
Напротив, владата на Заев се посрамоти кога ја доби пресудата против државата за регистрација на ПОА, донесена од Стразбур, и наместо смирено да ја прифати, одлучи да ја обжали пред Големиот совет на Судот. Советот, очекувано, експресно ја отфрли жалбата на Заев потврдувајќи ја истата пресуда, само што срамот на државата тогаш постана двојно поголем.
Но, срамот се умножува и со секој нов ден поради непримена на законот и влијанието на извршната власт врз скопскиот суд да не ја спроведе стразбуршката пресуда.
Заевиот срам во улога на „архиепископ на МПЦ“ кулминираше кога беше фатен на дело од руските пранкери како дава поткуп – во обид, за „автокефалија“ на МПЦ. Претходно, пак, јавно се обрука со примањето поткуп по едно евро од зделка, со што ја полнеше касата на МПЦ.
Значи, станува збор за една комплетно задоена (во гетоизираноста на МПЦ), личност, која има синдром на локален месија, а по Уставот, треба всушност да биде демократски, европски ориентиран секуларен политичар и премиер на влада, која е влада за сите граѓани на државата и е одвоена од верата.
Затоа сега како граѓанин добронамерно одговарам на повикот на Заев даден деновиве, кој гласеше: „граѓаните да бидат гласни, конструктивни, аргументирани; да бидат коректив на владата, за таа да го слушне нивниот глас и да ги следи нивните потреби“, и му порачувам на премиерот Заев – доста е!
Господине премиер, извадете ја маската, оставете ја функцијата „архиепископ на МПЦ“ и водете ја државата како европски политичар, не само на зборови, туку и со дела. Не се мешајте во никакви црковни работи по евангелскиот пример: царевото на царот, а Божјото на Бога.
Исправете ги верските неправди и злодела кои ги сторивте, воведете ред, повлечете ги одлуките кои несреќно ги донесовте и самиот спроведете го законот според Вашите зборови: „Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон“.
Значи, уште еднаш г. премиер, дадена Ви е втора шанса, почитувајте ја максимално и гледајте, бидејќи декларативно сте и верник, всушност Вие да не се соочите со законот, пред сѐ оној црковниот, Божјиот, та како ѝ мнозина пред Вас, неславно да завршите, запишани на темната страна на црковната историја, како личност која се борела против слободата на вероисповест, против Бога и против Неговата Една, Света, Соборна и Апостолска Црква, од која МПЦ сѐ уште не е составен дел, а дај Боже да биде, но без мешање на световната политика. Бидејќи примерите, поновиот со Црна Гора и особено премерот со Украина јасно покажаа дека тоа политичко сплеткарење во Црквата не е решение, туку служи за дополнително продлабочување на состојбите!