ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД ЦАРИГРАД ГО ОБЈАВУВА ПОСЛАНИЕТО НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК Божикната порака на Вартоломеј порачува дека мораме да се стремиме кон мир наспроти фанатизмот
Мирот не е нешто што е дадено и самосмислено, туку е должност, потфат, постојана грижа и непрекината борба за негово одржување. Не постојат автоматизми и трајни рецепти. Спроти секоја закана за мирот, потребна е будност, волја за решавање на проблемите со посредство на дијалог, напишал Вартоломеј.
Втора година по ред Вселенската патријаршија на македонски јазик го објавува божикното Послание на Патријархот Вартоломеј, како еден од десетте светски јазици на кои се објавува текстот на веб-страницата на патријаршијата. Патријаршијата почна да го преведува посланието и на македонски јазик откако на 9 мај 2022 година МПЦ-ОА беше вратена во канонско единство како Охридска Архиепископија.
Патријархот во пораката напишал:
„Можеме со право да тврдиме дека насилството е грев над гревовите. Тоа е целосна спротивност меѓу нашата создадена природа и нашиот натприроден повик за трагање на љубовно единство со Бога и со нашиот ближен… Мирот претставува вистинско откровение на подлабоката стварност на созданието, согласно со волјата на Бога и на обликот како што го замислил Он според Своите вечни совети. Мирот не е нешто што е дадено и самосмислено, туку е должност, потфат, постојана грижа и непрекината борба за негово одржување. Не постојат автоматизми и трајни рецепти. Спроти секоја закана за мирот, потребна е будност, волја за решавање на проблемите со посредство на дијалог. Големите херои на политиката се борците за мирот. Ние продолжуваме да ја нагласуваме миротворната улога на религиите, во една епоха кога религиите се подложени на критика, бидејќи, наместо да покажуваат сили на мирот, на солидарноста и на помирувањето, тие го хранат фанатизмот и насилството „во името на Бога“. Тука станува збор за извитоперување на религиозната вера, а не за феномен што природно произлегува од неа. Искрената верба во Бога е најстрогиот судија на религиозниот фанатизам. Религиите се природни сојузници на сите луѓе коишто се борат за мирот, за справедливоста и за заштитата на тварта од човечката катастрофа“.