Врие во Комората на Северозападна Македонија: Избегната тепачка помеѓу Хоџа и Кучи
Претседателот на Комората Хоџа за Плусинфо потврди дека имало расправија, но негира дека за малку ќе дошло до тепачка помеѓу него и Кучи и дека на два пати едвај ги разделиле за да не си разменат тупаници.
Жолчна расправа која во два наврата ќе преминала и во физичка пресметка помеѓу актуелниот претседател и поранешниот претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа и Мендерес Кучи, се случила на вчерашниот состанок, дознава Плусинфо од свои извори. Кавгата настанала кога дел членови на Комората побарале точка на дневен ред да биде одржување на ново собрание и избор на нов претседател.
Претседателот на Комората, Хоџа, за Плусинфо потврди дека имало расправија, но негира дека за малку ќе дошло до тепачка помеѓу него и Кучи и дека на два пати едвај ги разделиле за да не си разменат тупаници.
– Не, не, не е вистина дека за малку ќе сме се степале со Кучи. Тој ми е пријател, јас сум мирољубив и преку разговор ги решавам несогласувањата. Имаше недоразбирање, се разбира ова е демократија и имаше повишен тон, но најдовме решение и сите точки од состанокот ги изгласавме и седницата заврши во целосен ред. Имаше барање надвор од дневниот ред, да се стави точка за избор на ново собрание, но тоа не помина. Беше утврдено дека потписите за тоа барање биле собрани под притисок и дека се невалидни. Јас сум човек кој со мирна глава ги надминува недоразбирањата. Членовите на Комората не ја изгласа таа точка. За личен интерес на неколкумина, присилно собрале потписи за моја смена и за ново собрание – ни изјави Хоџа.
Според информации на Плусинфо, вчера на состанокот била поднесена иницијатива потпишана од 30 членови со барање точка на дневен ред да биде избор на ново собрание и нов претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија. Обвинувањата биле дека актуелниот претседател Хоџа, наместо да се залага за интересите на бизнисмените – членови на Комората, се залагал само за лични интереси, дека не го слушал гласот на бизнисмените, туку дека водел своја агенда. Неофицијално, најжестоки критики и барање за смена на Хоџа дошле од експретседателот на Комората Мендерес Кучи.
И покрај обидите, не успеавме да стапиме во контакт со Кучи за да го потврди или негира вчерашниот инцидент на состанокот на Комората.
За обвинувањата од групата која бара негова смена, Хоџа вели:
– Тоа е смешно. Смешно е дека јас во Комората туркам лични интереси. Јас најмалку имам личен интерес од работењето на Комората. Неколкумина, ако мислат дека се меѓу основачите и се од поранешното раководство, сакаат да остварат свои интереси и да ја наметнат нивната волја на целата Комора. Таа треба да е на сите, гласањето е демократско. Ним егото не им дозволува да признаат дека ги водам работите како што треба – ни изјави Хоџа.
Со ова актуелниот претседател потврди дека врие во Комората и дека се нарушени меѓучовечките односи. Но, засега неизвесно е дали допрва следи преврат во ова тело кое ги застапува бизнис интересите на стопанствениците од Северозападна Македонија.