ВРХОВНИОТ СУД ВО ОДБРАНА НА НОВИНАРИТЕ ВО СУДНИЦА Се води постапка по забраната за снимање на судењето на бугарскиот провокатор Љупчо Георгиевски
Судијката Никодиновска вчера не им дозволи на новинарски екипи да го снимаат судењето на основачот на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“, Љупчо Георгиевски, кому му се суди за ширење раздор, нетрпеливости и омраза кон македонскиот народ и кој повторно ги провоцира Македонците преку новото здружение „Една роза“.
Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми денеска преку соопштение реагираше на вчерашниот настан во Основниот суд Битола, каде судијката Цветанка Никодиновска не им дозволи снимање на новинарските екипи на судењето против Љупчо Георгиевски, поранешен претседател на згаснатото бугарско здружение „Ванчо Михајлов“.
„Претседателката на Врховниот суд ја истакнува потребата од доследно почитување и применување на акредитациите за медиумите одобрени од нејзина страна, како и на препораките за снимање и фотографирање во судница, усвоени и објавени од Врховниот суд и Судско-медиумскиот совет. Во согласност со позитивните прописи, заложбите за отворено судство и начелата на транспарентност и отчетност, клучната цел на акредитациите и на препораките е да се заштити јавниот интерес, континуирано да се зајакнува угледот на судството и да се истакне демократската улога на медиумите“, соопшти Врховниот суд.
Работата на судовите и медиумите, се додава во соопштението, како и работата на судиите и новинарите имаат заеднички именител, а тоа е вршење на професијата во интерес на граѓаните.
„Секое отстапување од овие вредности не е во насока на заштита на заложбите за јакнење на јавната доверба и заштита на јавниот интерес во името на граѓаните. Воедно, во врска со вчерашниот случај во Основниот суд Битола, за кој беше информирана јавноста од страна на медиумите, известуваме дека до Врховниот суд е поднесена претставка, по која се постапува во согласност со законските надлежности“, соопшти Судот.
„Следниот пат нема да ве пуштам ни да присуствувате“
Судијката Никодиновска вчера не им дозволи на новинарските екипи на ТВ Телма и на порталот СДК да го снимаат судењето на Георгиевски, кому му се суди за ширење раздор, нетрпеливости и омраза кон македонскиот народ и придобивките од НОБ и за ширење ксенофобија преку компјутерски систем. Тој е обвинет за неговите навреди преку социјалните мрежи, но и за натписите во битолскиот клуб „Ванчо Михајлов“ со кои се негираат Македонците.
СДК информираше дека судијката Цветанка Никодиновска не им дозволи да снимаат и да фотографираат на судењето против Георгиевски, иако за тоа имаа одобрение од Врховниот суд. Таа дала наредба да ги остават мобилните телефони на пријавница, иако им се средство за работа, односно за пишување на новинарски тетекстови од судницата. Пред судницата, вработено лице побарало телефониое да им ги предадат на припадник на судската полиција, а камерманот да ја остави камерата на портирница. На новинарите им било дозволено да присуствуваат како граѓани на рочиштето, а во записникот биле заведени како новинари.
СДК пишува дека потоа судијката Никодиновска констатирала дека судењето ќе биде одложено, а следното рочиште го закажала за 28 јануари 2025 година, па новинарите како и секогаш, станале да одат да се подготват да земат изјави пред судот. Тогаш судијката на висок тон им се обратила со зборовите: „Враќајте се назад, судењето не е завршено, следниот пат нема ни да ве пуштам да присуствувате!“.
Порталот пишува дека на првото рочиште од овој судски процес, лани, на новинарите им било дозволено да снимаат со камери, а мобилните телефони им биле одземени.
Телма додаде и дека обвинителката Оливера Нечовска предложила да се казни адвокатат на обвинетиот Насер Рауфи поради одолговлекување на судскиот процес, а, Рауфи побарал изземање на обвинителката.
Бугарскиот клуб повторно провоцира
Обвинетиот Георгиевски, инаку, во истите простории каде делуваше згаснатото бугарско здружение „Ванчо Михајлов“, сега има активности преку новорегистрираното здружение „Една роза“, кои ги споделува на социјалните мрежи. Минатата недел, беше промовирано третото издание на „Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински, како бугарско културно наследство.
За оваа провокација потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска деновиве му поднесе уште една кривична пријава во Основното јавно обвинителство.
– Целта е провокација и играње со чувствата на македонската самосвест. Европската конвенција за човекови права го гарантира нивното право на слобода на здружување, но во член 17 вели се забранува злоупотреба на тоа право на здружување. Кривичната пријава ја поднесов за ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем – рече тогаш Бендевска.
Според неа, новиот културен центар „Една роза“ во Битола всушност е параван за активностите на досегашниот Културен центар „Ванчо Михајлов“, кој како здружение на граѓани беше избришан од Централниот регистар лани во март, затоа што во називот содржеше име на личнпст поврзана со фашистичката идеологија.
– Од март лани до октомври годинава старото здружение е згаснато, а новото уште не е формирано и во тој период течат активностите на Фејсбук со кои се величат името и делото на Михајлов кој е главен историски негатор на македонскиот народ. Се плука по нашите антифашистички борци кои се нарекуваат србокомунистички, борци против мајка им Бугарија. Целта е провокација и играње со чувството на македонска самосвест. Инстутуциите нека откријат како тоа повторно на истата адреса на Рузвелтова во еврејското маало во Битола под параван дека таму закупот го извршило новото здружение, секојдневно се постираат активности на културен центар „Иван Михајлов“ и се пропагираат антимакедонски ставови – изјави тогаш Бендевска.