Времето на курчот помина

Секој премиер си е ковач на својот пи-ар. А на Ковачевски дефинитивно му треба еден поинтелигентен тим.

7,552

Димитар Ковачевски на Канал 5: „Тука би изнел паралела со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тие пред секои избори и секоја одлука мора да одат во Будимпешта на некаков состанок. Факт е дека пред секое носење на одлука на ВМРО-ДПМНЕ, мора да се оди во Будимпешта со некаков формален изговор, за да се добие согласност за тоа што се одлучува“.

Хммм… Ај да не го тупиме, што би рекол Груевски, ќе се потрудам да бидам директен, прецизен и краток.






На новиот лидер на СДСМ и нов премиер – кому и јавно му посакав успех и кој од мене секако ќе добие еден период на мир за успешно прилагодување на новата функција, но и поддршка за некои клучни прашања, доколку работи одговорно и принципиелно – еве по втор пат би сакал да му порачам сериозно да поразговара со својот пи-ар тим. Прв пат тоа го сторив пред некој ден, на Фејсбук, после едно прилично безобразно коминике, во кое владата нервозно и нетрпеливо полемизираше со медиумите кои го критикуваа начинот на кој беше интонирана македонска химна при посетата на премиерот на Бугарија.

Искрено, јас не верувам дека тој пи-ар тим, што Ковачевски го наследи од својот претходник, воопшто може да понуди идеи и наративи за еден поинаков, модерен пристап на новиот премиер кон медиумите и кон јавноста, но за тоа треба да си размисли самиот тој. Тоа е негова, а не моја или наша екипа. Колку што ми е познато, Ковачевски баш и не е вчерашен во областа на односите со јавноста.

Јас само ќе го потсетам дека тој ист лузерски пи-ар тим постојано го „хранеше“ поранешниот премиер Зоран Заев со здодевни и неуверливи наративи, меѓу кои беше и приказната за наводната контрола на будимпештанецот Никола Груевски врз актуелната политика на ВМРО-ДПМНЕ.

Секој што ја слуша таа приказна си ги поставува истите прашања – а кој го пушти Груевски да избега од Македонија, каде е тука одговорноста на тогашниот и сегашен министер за внатрешни работи, до каде е истрагата? Итн. И така тој наратив на неталентираните и скапо платени сдсмовски пиарчии на премиерот му се враќа како бумеранг. Или, како што вели народот, со свој камен по своја глава…

Ковачевски заслужува поинтелигентен пи-ар. Меѓу другото. Бидејќи го чекаат огромна работа и тешки проблеми. Решенијата за тие проблеми, кои можат да бидат и болни, тој ќе мора да ги споделува со јавноста и од неа да бара поддршка. А јавноста сепак не се десетина пропагандистички медиуми и една чета новинари навикнати да му ласкаат на премиерот за да ги сочуваат привилегиите од кои не можат и не сакаат да се откажат. Јавноста е нешто многу повеќе и кутриот Заев тоа го разбра во ноќта после изборите кога мораше да го изговори зборот „оставка“.

Затоа, јавно му предлагам на Ковачевски сериозно да си размисли за овие прашања. Од него зависи, од никој друг.

Есенцијата на Заевиот однос со јавноста беше курчот. И кога глумеше искреност, наивност и снисходливост дури, сите ја препознававме нарцисоидноста на неговите пиарчии. Тие беа негов избор, а тој нивна жртва.

Да повторам уште еднаш – времето на курчот помина.

И толку имам да кажам на оваа тема. Засега.

Поврзани содржини