ВРЕМЕТО МОЖЕ ДА ТЕЧЕ НАОПАКУ ВО КВАНТНИОТ СВЕТ Научниците трагаат по нова формула

За жал, ова не значи дека и вистински ќе можеме да патуваме наназад во времето.

398

Буквално наопаку може да тече времето во светот на најмалите честици, односно на квантно ниво, вели најново истражување, а нашето поимање и формула за времето се погрешни. Стрелката на времето е поврзана со една особина наречена ентропија или на нашки неред кој постои во универзумот. За жал, ова не значи дека и вистински ќе можеме да патуваме наназад во времето, пишува ИФЛ Наука.

Нередот, или ентропијата, во изолиран систем, каков што е нашиот универзум секогаш ќе се зголемува и насоката на зголемување се совпаѓа со насоката на времето што минува – напред. Но, тоа не е исто како што почнуваме да ѕиркаме во светот на малите бозони, протони, глуони, кваркови …






Квантната механика нè учи дека ентропијата може спонтано да се намали, баш како да се враќа назад во времето.

– Да ги земеме работите што ги правиме наутро за пример. Ако ни се покаже дека нашата паста се движи од четката за заби назад во тубата, ќе мислиме дека тоа е како премотана снимка од нашето време. Меѓутоа, ако нежно ја стискаме цевката за да излезе само мал дел од пастата за заби, нема да биде толку чудно ако се забележи како таа повторно влегува во цевката, вшмукана од декомпресијата на тубата – изјави д-р Џулија Рубино од Универзитетот во Бристол, авторка на студијата.

Чуден е квантниот свет во кој честичките можат да бидат на повеќе места истовремено, во нешто што го викаме суперпозиција. Тимот на Рубино го мерел времето во ваквите случаи и открил дека за мали промени во ентропијата, целиот експеримент ќе се движи и напред, но и назад во времето.

– Иако времето често се третира како параметар кој постојано се зголемува, нашата студија покажува дека законите што го регулираат неговиот тек во квантномеханички контекст се многу посложени. Ова може да сугерира дека треба да го преиспитаме начинот на кој ја претставуваме оваа количина во сите случаи каде што квантните закони играат клучна улога – заклучи д-р Рубино.

 

Поврзани содржини