ВРЕМЕТО ЌЕ ПОКАЖЕ ДАЛИ СЕ ПРИКРИВАЛО Алиби за заташкувањето може да биде „тајноста на истрагата“?
Во секое време можат да речат дека молчењето и необјавувањето на информацијата за смртта на хрватскиот ракометар во Скопје било во интерес на истрагата. Тоа значи дека дури и да се обиделе да го прикријат убиството на ракометарот, тие сега можат да се вадат на истрагата, смета професорот по кривично право Гордан Калајџиев.
Засега е премногу рано за да се донесе конечен заклучок дали некој се обидел да го прикрие убиството на ракометарот Денис Тот пред дискотеката „Привилиџ“ во Градскиот парк во Скопје, но повеќе од очигледно е дека целата работа околу истрагата не се водела транспарентно.
Ова во разговор за Плусинфо го вели професорот по кривично право Гордан Калајџиев, коментирајќи ја снимката што вчера беше објавена во јавноста, а на која се снимени последните моменти од животот на хрватскиот ракометар од редовите на Бутел.
Прерано е да ги судиме институциите за некаков обид за прикривање, оти тие можат да кажат дека го разгледуваат случајот, дека собираат податоци, па врз основа на тоа ќе одлучат дали да покренат истрага.
Според Калајџиев, во случајот со убиството на Денис Тот, исто како и со убиството на Мартин Нешкоски во 2011 година, постојат безброј нејаснотии кои полека се претвораат во индиции дека можеби некој се обидел да го сокрие грозоморниот чин, но во пракса, како што објаснува професорот, не секогаш обидот за прикривање на убиството се смета за позагрижувачко од самиот инцидент.
– Во секое време можат да речат дека молчењето и необјавувањето на информацијата за смртта на хрватскиот ракометар во Скопје било во интерес на истрагата. Тоа значи дека дури и да се обиделе да го прикријат убиството на ракометарот, тие сега можат да се вадат на истрагата. Сега ќе ви кажам еден пример. Кога ние како Хелсиншки комитет за човекови права го дадовме случајот со убиството на Мартин Нешкоски во Судот за човекови права во Стразбур, тогаш бевме убедени дека елементот за прикривање на убиството е позагрижувачки од самиот инцидент. Но, судот во Стразбур не пронајде повреда во тој дел. Јас лично бев и сѐ уште сум убеден дека судот во Стразбур тогаш не беше во право, меѓутоа таква беше одлуката од најугледната институција кога станува збор за човекови права и балансирање на интереси. Искрено, не го следев во детали случајот со убиството на Денис Тот, но знам дека беше сомнително дозирањето на информациите. Лично, како граѓанин, чувствувам незадоволство од нетранспарентноста на институциите, но како експерт, не поседувам доволно информации за тоа дали може да се тврди дека има кривично дело, односно дали постоело прикривање на убиството – објаснува Калајџиев.
Поради тоа што станува збор за убиство на јавна личност, односно за грозоморен чин кој наидува на огромен интерес кај јавноста, посочува професорот, Јавното обвинителство би можело да преземе дејствија и да оцени дали овде постои и друга одговорност освен самото убиство.
– Прерано е да ги судиме институциите за некаков обид за прикривање, оти тие можат да кажат дека го разгледуваат случајот, дека собираат податоци, па врз основа на тоа ќе одлучат дали да покренат истрага. А ние немаме некои индиции за тоа кој точно би се обидел да го заташка убиството. Најсимптоматично и најнервозно за јавноста беше изјавата од болницата дека лицето немало видливи знаци на насилство по телото. Не ја знаеме ни историјата на тепачката, односно дали таа започнала внатре во дискотеката или инцидентот се случил онаму каде што завршил. Исто така, мене ми е многу чудно тоа што ракометарот е сам појден во дискотека и нема никој околу него. По инцидентот, пак, некој му јавил на семејството на ракометарот во Хрватска и ги известил родителите дека нивниот син починал од срцев удар. Кој им се јавил? И дали тој што им се јавил само сакал да помогне со лажната информација што ја слушнал, а немал никаква намера да ги лаже. Затоа велам, има многу непознати и сѐ уште е рано за дефинитивно да се донесе заклучок дека некој сакал да го прикрие убиството – посочува Калајџиев.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ, пак, кој е доскорашен судија, не може да се согласи со тоа дека во конкретниот трагичен настан нема место за истрага за прикривање.
„Непосредно по дознавањето дека починал младиот ракометар, на јавноста ѝ е пласирана ‘вистина’ дека починал од срцев удар, за да потоа биде соопштено дека случајот бил пријавен од девојка која случајно го пронашла како лежи на земја во близина на ноќниот клуб. Од објавените снимки јасно се гледа дека настанот се случил пред влезот на ноќниот клуб пред кој имало повеќе од три лица инволвирани во настанот, како и неколку лица-сведоци на настанот, од кои едно лице се обидува да го заштити младиот човек кој непомично лежи на асфалтот. Од снимките јасно се гледа дека ниту кон лицето кое го предизвикало настанот, ниту кон девојката, обезбедувањето воопшто не реагира. Во најмала рака, треба да се спроведе истрага и кон обезбедувањето на ноќниот клуб кое е одговорно за безбедноста на лица пред влезот на објектот и да се утврдат евентуални пропусти“, напиша Туфегџиќ на Фејсбук.
Од Основното јавно обвинителство за ТВ21 посочуваат дека сите снимки од видео надзорот на дискотеката „Привилиџ“ во критичниот момент на наведената локација се обезбедени и се анализираат.
Оттаму велат дека со објавата на видео снимките на ниту еден начин не може да се наштети или да се влијае врз постапката.
– Сепак, апелираме за воздржаност при објавата и споделувањето на видеата, чија содржина може да биде вознемирувачка за јавноста, а особено за семејството и блиските на починатиот. Јавното обвинителство во целост ќе го расчисти настанот, а кривична одговорност ќе понесат сите за кои ќе се утврди дека сториле кривично дело – посочуваат од ОЈО.
ВМРО-ДПМНЕ: Оставка за Спасовски!
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да си поднесе оставка, снимката од убиството на ракометарот Денис Тот е доказ дека МВР го прикривала случајот, реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Спасовски е директно одговорен зашто четири дена МВР не излегува со јасна слика за убиството на ракометарот Тот. Од снимките кои беа објавени во медиумите јасно се гледа дека станува збор за убиство и дека Тот е тепан од страна на три лица, а сведоци на настанот се десетина луѓе. Четири дена Спасовски се обидува да го прикрие настанот и да ја убеди јавноста дека не станува збор за убиство, туку за несреќен случај. Од снимките јасно се гледа што се случувало и што е причина за смртта на ракометарот Тот. За настанот гледаме дека имало и десетина сведоци и снимки од камери, сето тоа му било познато на МВР. Останува нејасно, зошто тоа не беше кажано веднаш по немилиот настан, туку институциите се впуштија во прикривање на настанот? Одговорност мора да има. Спасовски оставка веднаш“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.