Време на смртта

Не 2.400 како што некој пресметал, не 240, не четворица или двајца, ниту еден човечки живот не смее, свесно, да биде загрозен.

1,085

Насловот на овој текст е позајмен од истоимената тетралогија („Време смрти“; 1972-1979) на еден од најголемите и најзначајните српски писатели и интелектуалци, српскиот Томас Ман, како што го нарече покојниот Зоран Ѓинѓиќ, академик и прв претседател на Сојузна Република Југославија (1992-1993),  Добрица Ќосиќ (1921-2014).

За жал, тогаш за кога пишува Ќосиќ, од војни, денес од „невидлив непријател“, но кога гледаме како секојдневно умираат илјадници луѓе низ целиот свет, не можеме поинаку да го наречеме, освен „Време на смртта“.






Дел сме од светот, нема бегање. Десетици луѓе секојдневно умираат и кај нас. Заминуваат без збор и поздрав и со најмилите. Боли! Многу боли!

Што да се прави?

Ништо, освен да бидеме малку разумни и да гледаме што прават поразумните од нас!

Под дрво и под камен, час поскоро да се набават вакцини!

Да бидеме поодговорни и да ги почитуваме мерките!

По секоја цена да се одложи пописот!

Ако деветнаесет години не направивме попис и останавме живи, белким за уште една, и со него и без него, ќе куртулиме некако.

Другари од власта, ако сте заборавиле, по Устав, Македонија е демократска земја. (Демократија е општествено уредување каде врховната моќ му е дадена на народот, а се извршува преку негови избрани претставници во услови на слободен изборен систем).

По Устав, по сите законски и човечки норми и правила, сте должни да го штитите народот од секој вид непогода и катастрофа.

Не 2.400 како што некој пресметал, не 240, не четворица или двајца, ниту еден човечки живот не смее, свесно, да биде загрозен.

Попис во услови на ваква здравствена катастрофа, и според вонземски протоколи и мерки, е свесно загрозување на човечките животи.

Во духот на Вашите јавно изречени зборови за почитување на туѓите ставови, господине премиере, послушајте го гласот на разумот и како што направија во повеќе земји, одложете го пописот!

Поврзани содржини