Време на нечиста вода

Сите нешта во Нашата земја веќе со децении се „нечиста вода“ што требаше одамна да биде истурена на соодветното за тоа место. Сѐ што овде се случува подлежи на костимиран карневал на конструкции и лаги во една единствена вистина – онаа на власта, која и да е и каква и да е.

329

Како по обичај, ниту еден официјален претставник на државава, ниту пак некој од нивните „интелектуални“ клиенти построени како платеници низ националните медиуми, бројните портали и социјалните мрежи, не се осмели да ја коментира неодамнешната изјава на Стејт департментот, со која „САД ја охрабруваат Владата на Северна Македонија да ги преземе сите можни мерки за да се постигне најдобрата можна иднина на земјата“!

Да беше тоа изјава што им одговара, изречена дури и од возачот на Блинкен, сите ќе ја пренесуваа, коментираа, ќе аплаудираа… Ама оваа баш и не им се допаѓа бидејќи ги потсетува на зимскиот сон што го спијат веќе седма година а им се трупаат незавршени капитални обврски во сите важни државни сегменти. Односно, Стејт департментот ги потсетува на обврските за реформи во системот, вклучувајќи ги тука реформите „во судскиот, здравствениот и образовниот сектор со што ќе се поплочи патот за целосна интеграција во ЕУ“, вели портпаролот на Стејт департментот.






Но, од наша страна – молк, штама. Ни глас од вечно зачуденион министер за надворешни работи, уште помалку од оној за евроинтеграции кој мисли дека со трибини и кампањи а без работа ќе стаса до ЕУ. А „претседателот“ на државата и „премиерот“ вообичаено не се од тука и нив тоа не ги ни засега. Но, изјавата на САД има уште една битна „квака 22“. Таа вели: „Се надеваме дека на претстојните избори гласачите ќе бараат транспарентност и одговорност од избраните лица и ќе побараат посилна, подобра и попросперитена земја која ја заслужуваат“!

Дали со ова САД ни кажуваат дека овие неодговорни лица не ни обезбедиле доволно силна, добра и просперитетна земја? Се разбира, и секој писмен тоа може да го прочита. Но, дали со ова САД ги пуштија „низ вода“ овие неуки и неспособни политиканти? Веројатно, а и време беше, зашто (и) тие и водата станаа многу нечисти. И дали, конечно, и САД увидоа дека во вакви „деца на комунизмот“ не може да се има доверба односно дека единствената „политика“ што тие ја знаат е полнењето на сопствените џебови? Апсолутно. И затоа ли САД велат дека сите одговори треба да се бараат на претстојните избори?

Потврдата им дојде веднаш: видете ги старо-новите ликови од сдсм (малите букви се реален одраз на реномето на оваа „партија“ денес) за во техничката влада. Истата гарнитура, од истата нечиста вода!

Впрочем, довербата на САД и ЕУ предолго траеше. Иако, веројатно и за нив одамна беше очигледно дека овие неуки ликови веќе и не се обидуваат да го сокријат фактот дека ние и по три децени сме држава/општество во транзиција, што ќе рече недефинирананезаокруженанепотполна… земја заталкана кон некаква форма на демократија но со силно крената автократска рачна сопирачка. Таа и понатаму нѐ држи во лавиринтот на комунистичко-социјалистичките беспаќа, во речиси непремостлива искривена состојба на умот и без сериозни изгледи за прекин на таа „идеолошка“ папочна врвца.

Целата македонска реалност (државна/монополска економија, криминална испреплетеност на трите власти, недемократски изборен систем, килава и не докрај изведена децентрализација, замандален пазар на знаење и труд, неконкурентност на идеи и политики…) сѐ уште ја прави оваа држава не само трансдржава туку и страотно закостен посткомунистички реликт.

Токму затоа, не е оваа држава за потценување – како што не така одамна импутираше еден министер – туку тоа е нејзината власт, сосе него заедно. А, за жал, држава со таква власт однапред е осудена на пропаст. И, се разбира, тоа може да биде и само мое субјективно мислење, но ако прочепкате низ современите демократски „учебници“, ќе видите дека такви персони ама баш никако не можат да ги совладаат лекциите од демократијата. Ниту основните, базичните идеи за неа, уште помалку да ги пласираат во јавниот дискурс односно во форма на јавни политики! Нивното секојдневие е целосно заробено од прокомунистичкиот мисловен апарат, што не им дозволува поинакво однесување.

Колку време е потребно кај нас за конечната „смена на генерациите“ и ослободувањето на умот од историскиот стратификат? Тоа, очигледно, не ни оди ни брзо ниту пак лесно. Особено заради цврстиот бедем околу посткомунистичкиот начин на мислење и практикување на „демократијата“ кај политичките „елити“. Кај нив не постои „смена на генерации“ – тие се раководат исклучиво според некакво „таинствено“ партиско-криминално „наследство“!

Се разбира, на збор сите се залагаат за либерална економија, пазарно ориентиран систем, вредност наспроти „кариера“, стручност наспроти партиска припаданост итн. Но, на пример, земете го само Универзитетот и фактот дека асистентите (ќе) се пензионираат како редовни професори – без оглед на нивните (не)резултати, (не)објавените книги и стручни трудови, мислењето на студентите итн. – и сѐ ви е кристално јасно!

Затоа, зачудува ли што никој токму од универзитетската фела не говори за радикални реформи во образовниот систе, за пазар на трудот и натпревар во знаењата, и што најгласниот ешалон на провладини клиенти доаѓа токму од – универзитетот? Се разбира, тука останува незаобиколлива и МАНУ, која после еден Коцарев се спушта на некакви чудни и недефинирани рамништа. Да, би сакал да бидам демантиран од иднината – и ќе се извинам во таков случај – ама еден ваков „научен пуч“ во едно вакво клучно време за државата е необјаснив нонсенс!

И ова не се случува само и единствено во „високата политика“. Сите нешта во Нашата земја веќе со децении се „нечиста вода“ што требаше одамна да биде истурена на соодветното за тоа место. Сѐ што овде се случува подлежи на костимиран карневал на конструкции и лаги во една единствена вистина – онаа на власта, која и да е и каква и да е. А сите ние одамна сме прогласени за нивни непријатели!

Сега дури и конкурсите се штимаат со флоскулата за подобноста на апликантите со соодветните власти, што веројатно ја смислил оној циркузант во Фондот за иновации и технолошки развој.

Оттука, дали конечно некој, па нека се тоа и САД, согледува дека сѐ што овде (ни) се случува не е резултат (само) на вечната транзиција  од која не можеме да се одлепиме толку време, туку (и) заради длабоко вкоренетото автократско, а со него и кримогено, однесување на речиси сите власти – а последнава особено! – во оваа држава? И дека токму тој дел од оваа анахрона македонска политичка сцена го корумпираа и целото општество заробено од вљубеници во комунизмот кои (наводно) сакаат да нѐ поштедат од суровата реалност па информациите ни ги преоблекуваат во боите на виножитото?

И понатаму ли овој втор дел од македонската срамна современа историја ќе мириса на автократија, на (пост)комунизам односно соцреализам и удбаштво? Токму оваа власт, таа што требаше односно беше избрана да го иницира, па и реализира, конечниот демократски пресврт во државата/општеството, повторно го зароби граѓанинот во нова „студена војна“, му наметна стари и старо-нови „железни завеси“, му отвори (не)културна војна против демократијата на сите полиња.

П.С.

Впрочем, гласниот молк на власта продолжи и по изјавата на шпанскиот амбасадор дека е можно Македонија да има барања и од други земји членки на ЕУ на патот кон Унијата! Што би било логично зашто „Бугарите во Уставот“ се најмалата пречка за македонските евроинтеграции.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини