Време на голем резилак!
Веќе во мислите не летаме со крилјата на слободарскиот дух кој одамна не живее во срцето на човекот. Откраднат и преквалификуван во диктат му служи на оној кој те ограбил, па те држи згнетен под чизмата и додека те гази, се дере: - Ние сме пријатели!
КАРДИНАЛНА ГРЕШКА направи Русија, што дозволи да падне Берлинскиот ѕид. Од тогаш, сè тргна наопаку. Се растури Југославија, се растури и СССР и сега ѝ се токмат сосема да ја средат РФ… па, понатаму… Ја живееме одново Кубанската криза само што во позајадена форма…
Силеџиството и општиот резил стапнаа на местото на доблеста, на која сега, само лудите и немоќните се повикуваат. Манифестација на сила стана доминантно – нормална, политичко – уличарска дестинација на поимно изменетата демократија, која во секојдневната употреба спадна на потсмев. Свесно, поганијата ја замени убавата мисла за полетноста како извориште на човекољубието, здивот на слободата и меѓусебното разбирање.
Веќе во мислите не летаме со крилјата на слободарскиот дух кој одамна не живее во срцето на човекот. Откраднат и преквалификуван во диктат му служи на оној кој те ограбил, па те држи згнетен под чизмата и додека те гази, се дере: – Ние сме пријатели!
Така, веќе забрзано светот се движи кон целосна контрола и зависност од материјалното, кое ја скина врвцата на солидарноста меѓу луѓето со правилото – секој за својот интерес, но ТИ, претходно за мојот! Зависноста, и од неа послушноста, се наметнува преку новата религија – парите. Тие се водачите кон тоталното морално уназадување, до форма на дивјачко општество, и заедница на луѓе човекојадци.
На припомош притекна стариот незаборавен и обновен колонијализам, а со него и ропството. Ист е третманот како некогаш… само што, тоа сега се обавува без камшик. Работава е јасна – ако не глумиш дебил, ќе добиеш по глава! Моќни управувачи катаднево контролираат и на еден или друг начин, сосема отворено те предупредуваат – работи во мој интерес! А, мојот? – Има надеж… – гласи одговорот.
„Сè’ се враќа, сè се плаќа, само животот, не!“. Се врати и опачното лице на комунизмот, отселувајќи се кон запад кај својот побратим – фашизмот. Здружени се во хаосот и редовно го обновуваат за мирно да владеат. Од преку океанот, како поветерче им се придружи разгалениот нацизам и со нов цвет го разубави старото европско дрво, сега разгрането. Солидарен, пеколот се спушти на земја и бележејќи го теренот, ги отвори сите врати како знак дека влезот е слободен. Од него се слуша ехото на старата песна: –„… комунисти и фашисти, сите исти, сите исти“!
А капитализмот? Е, тоа е деструктивен, или – империјалистички колонијалистички систем со фашистички поредок, во кој, функционални луѓе од сенка владеат со светот и како моќници, уништувајки сè што е духовно, а бескруполозни во грабежот на материјалното, свесно ја загрозуваат сопствената врста. Се чуствуваат добро затоа шо некој друг се чуствува лошо.. . Веќе не важи правилото да – можеш да направиш сè што сакаш со својот живот, под услов да не се мешаш во туѓиот. Со материјализирана забава, по свој терк го реформираат туѓиот живот, како начин да го чувствуваат лезетот на својот. Полесно им е јавнати на грбот на другиот да ги решаваат своите тековни потреби и проблеми, а туѓите – советуваат и наредуваат да се решат, како што не сакаат да бидат решени нивните.
Западната цивилизација – некогашната, со која се гордеевме, се распадна. Ерозијата ѝ го калдармиса патот на нејзината иднина. На тој пат хаосот владее и трае, секој час разорен од нов хаос. Ние, попростите и помалку вредните, сето тоа го трпиме, ама, замерачени и загледани во Европа се напрегаме да ѝ се приблжиме, иако гледаме дека е полна со пукнатини кои се шират, и во нив тоне и ќе тоне, сè додека Америка не биде исфрлена од диктаторската позиција.
Глупаво е веќе да се зборува за фундаменти кои се крепост на човековиот опстој. Заситени од спокојство, моќниците ги отфрлија и завртени кон сеопштиот разврат, како поинтересно, на пониската врста луѓе ни го понудија турболентното време. Нов тип на заштитнички социјализам ни трасираат како потврда дека демократските и човековите права, еднакво важат за сите, …но, – ТИЕ мора да ги апострофираат и да ги штитат! Ама – од кого?… кога рогозината која ни ја постилаат, истата е како онаа, на која што лежевме не така одамна, одушевени од лагата – “Америка и Енглеска ќе бидат земји пролетерски… Ен, два, три, ен два три…“. Така јас пеев во социјализмот додека растев под закрила на државата Македонија. Не ми е жал. Жал ми е што сега слушам: – Македонија ќе пропадне….! Ама, слушам и – Америка ќе се расцепи како тиква, можеби пред неа, затоа што со убод на стршен продре во многу туѓи животи, задоволувајќи го единствено сопствениот, никогаш сит, секаквиот личен интерес.
Таа, во својот освојувачки поход, со фрекфенции на зависност ја уништува Европа. Тоа се виде како на бел ден онoј момент кога Англија ја напушти ЕУ. Сега и други држави, слушам, се токмат истото да го направат. Никој не сака да се „вози“ во брод кој тоне, со полу-удавен кормирал – Германија, на која англиските банкари заедно со американските индустријалци, на времето ѝ го растеа дрвото на фашизмот. Сепак, Англија не ја засака Германија… која сега го јаде подебелиот стап слушајќи ги американските предавања… па така зашеметена, се приклучи кон предлогот на Макрон за нов вид проширување, на од нив изгризаната ЕУ. Демек – малку понастрана од „елитната“ прва лига, да се формира и втора, како Европска политичка унија, или – утешителна заедница на прибраните и омаловажените држави – азил. За Македонија тоа е нова висока врата – рампа пред европскиот недоод, и нов почеток по врвицата на отфрлениот, кој во „втора лига“ го фрла ветото од Бугарија… Останува поуката: – Не мораш во Европа да влезеш низ високите врати. Ти се нудат пониските. Без да се двоумиш – зачекори, но ќе се провираш со свиткана кичма.
Останува како недопирна величенствената рушевина, слична на Акропол на месечина – Америка. Со филозофската доктрина пласирана од неа на почетокот на 19 век, „Америка на Американците“, која произведе зло – грабеж на туѓата област Флорида од Шпанија, освојување на Мексиканските територии на Тексас, Северна Каролина и Ново Мексико… ја обликува државата со центарот Вашингтон, кој е како прозорец поставен меѓу две бескрајности – два океана. Но со тоа не се задоволи, па продолжи да ја шири доминацијата, прво срамежливо, и со нудење навидум помош на изгладнетите народи и земји, потоа со мило или со сила да ја наметне надградената доктрина – „Светот на Американците“. Последиците од истата кои последните децении ги чувствуваме врз себе и ние Македонците, дури и кога се во зародиш кај другите, лесно ги препознаваме: – Авганистан, Југославија, Ирак… веќе се минато. Истото се повторува, понатаму, во продолжение…
Велам срамежливо пробиваше Америка низ времепловот од времето меѓу двете светски војни, за потоа, како значајна регионална сила да го прерипа ендекот што ја дели од другите континенти и се прокламира како бескруполозна светска сила. Помина времето кога нас на Балканот нè хранеше со „Трумановите јајца.“ Многу беа вкусни. Дојде времето да ни наплаќа… Ако е за право – таа нè нахрани и со ураниум… без пари.
Но, Американската воена ажда не се устоличи евтино и без дефиле како тиранска сила. Таа, својот геноциден фашизам го промовира со грубо и непотребно фрлање на атомските бомби на Хирошима и Нагасаки. Што бил Хитлер пред неа? Таа успеа во вистински грч да го фрли светот, и да го држи, прикажувајќи ја својата моќ, пред сè, како идно сценарио за „послушниот“ и „непослушниот“
Со злосторничка и лицемерна конструкција, кога по фрлањето на бомбите наврати на местото на злосторството за да им помогне на напатените, ја потврди иронијата, дека е изградена на темелите на робовладетелството и експлоатацијата на Црнците, како и со ѕверско таманење на Индијанците. Продолжувајќи така, со апсолутизам успеа да му се наметне на светот, а како жалост и скрба на многуте милиони луѓе веќе нејзини заробеници, со – од неа исмеаниот ореол – заштитник на демократијата и човековите права.
А таа – Американската демократија и нејзините принципи за човекови права, ние Македонците одамна ги вкусивме. И како „слободни луѓе“, дури и во својата држава:
– За време на Втората светска војна, САД заедно со В. Британија освен што со напал бомби ги нападнаа партизаните и протераното македонско население од Егејска Македонија, за побргу да ги снема, беа против обединување на Македонските територии и во нив Македонците, затоа што – тоа не ќе било од корист за Грците, односно, ќе било штетно.
– Не така одамна, во инструирана војна од нив, тие на страна на качаците, помагајќи ги воено со оружје и инструктори, нас, со тапкање по рамото ни го забрануваа оружјето и ни го одзедоа правото да се браниме себе и своето.
– Истото го сторија и со Охридскиот договор кога застанати одново на другата страна, под нивно покровителство се озваничи капитулација на македонската држава, која од качачко – американската љубов која и сега се лигавее, излезе како победен агресор, а качаците како жртви.
– И со Преспанскиот договор поминавме исто, кога со присила ни го сменија името на државата и нè прекрстија во Северно Македонци… (како што деновиве нè нарече личниот човек Робертсон) и како наши декларирани пријатели нè даруваа со далекусежни обезличувања на Македонскиот народ, заканувајќи ни се: Дан се обидете да не го признавате договорот… и тој, другиот…!
– Сега, ги поддржуват Бугарите, а нас нè тешат дека треба да бидеме примени во ЕУ, но… прво треба да си ги решиме… – ти реков – ми рече… иако знаат дека сме условени со профашистички уцени и барања, какви што не се паметат дека во поново време биле поставени на некој народ.
Најново – после враќањето на Петков од Америка, заплашени од Русија, да не изврши свое влијание во Македонија… Америка ја притиска Бугарија – да го крене ветото на Македонија за започнување на преговорите за членство во ЕУ.
„Кревање“, не би смееле во моментов да прифатиме, бидејќи Бугарија, сега, може навистина да го тргне ветото, а со тоа ќе ѝ се исполни надевањето, нивните барања да станат дел од преговарачката рамка со ЕУ, односно, стандардите што тие ги бараат да влезат во поглавјето 35 од преговорите, и тогаш Бугарите да можат да нè блокираат на секој Министерски совет на ЕУ, повикувајќи се на наши неисполнети услови од поглавјето… Тоа значи дека ветото ќе биде одложено за подоцна и претворено во дел од преговарачкиот процес, како театарска престава која ќе има репризи до бескрај. Тогаш, би влегле во подлабоката дупка ископана од Бугарите, каде може да претаме до исчезнување.
Се разбира, такво нешто не ги интересира Американците. Нив ги интерсира нивната, евентуална, опасност… Затоа за Американците спорот веќе, во моментов, не е билатерален. Тој е безбедносен ризик за ЕУ! А за нас?
Некој ќе рече: – Молчи и не зборувај. Америка ни помогна да се осамостоиме… Точно! Но не заборавајте дека тоа го стори за да го осигура и забрза дефинитивниот распад на Југославија.
Американскиот хегемонизам и глобалната супериорност, кои таа си ги смета како демократски придобивки извојувани само за себе, можат да доведат до нуклеарна војна. Прашање е, кој будала прв ќе го притисне копчето. Но неранимајковци секогаш имало и ќе има. Слични на Хитлер и неговиот слободоумен фашизам, кој не го измисли, туку го примени… бараат – право на злосторство, без казна.