„ВРЕМЕ Е ЗА ЖЕНА НА ЧЕЛО НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ“ Сиљановска Давкова од Астана порача дека проблемите во светот треба да се решаваат со принципи, а не со моќ
Сиљановска Давкова оцени дека правиме чекор назад, кон постар светски поредок, оној на Макијавели, Хобс и Клаузевиц, каде што правилата се заменуваат со моќ.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се обрати на отворањето на Меѓународниот Астана форум 2025, што денеска и утре се одржува во главниот град на Република Казахстан на тема „Поврзување на умовите, обликување на иднината“.
Сесијата ја отвори претседателот на Република Казахстан, Касим-Жомарт Токајев, а меѓу главните говорници беа и претседателот на Република Руанда, Пол Кагаме, поранешниот генерален секретар на Обединетите Нации и актуелен претседател на Собранието и претседавач со Советот на Институтот за глобален зелен раст, Бан Ки Мун, генералниот директор на ФАО, Ку Донгју и Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе.
Сиљановска Давкова оцени дека актуелните геополитички и геоекономски потреси, како и повеќекратните кризи создаваат длабоки тектонски поместувања што ги поткопуваат принципите коишто го обликуваа глобалното управување пред 80 години.
Укажувајќи дека наместо да се мобилизираат напорите за решавање на итни прашања, како што се мирот и безбедноста, климатските промени, дигиталната трансформација и растечките нееднаквости, таа нагласи – се чини дека правиме чекор назад, кон постар светски поредок, оној на Макијавели, Хобс и Клаузевиц, каде што правилата се заменуваат со моќ.
Сиљановска Давкова истакна дека како претседателка на територијално мала европска земја, цврсто верува дека малите, заедно со средните сили, треба да бидат најголемите поддржувачи на ефективниот мултилатерализам со Обединетите Нации во неговиот центар.
Ова, според неа, бара суштински реформи – Советот за безбедност да се прошири, реформира и демократизира за да стане поотчетен и поодговорен во одржувањето на меѓународниот мир и безбедност, Генералното собрание да го заземе своето заслужено место како главно претставничко тело не само за дебати, туку и за креирање политики, а пресудите на Меѓународниот суд на правдата да станат обврзувачки за сите.
Осумдесет години по неговото основање, таа смета дека сме подготвени за жена генерален секретар на Обединетите Нации – бидејќи, во свет доминиран од силни мажи со оружје, ни требаат силни жени со мудрост.
Малите и средните нации, ослободени од хегемонистички амбиции, оцени претседателката, можат да понудат морални насоки и иновативно лидерство потребни за ревитализација на мултилатерализмот, а ова можеме да го постигнеме со градење мостови, почнувајќи од нашите сопствени региони.